Повеќе од 80 години по потонувањето, воен брод сè уште испушта нафта во океанот

Овие остатоци денес претставуваат едно од најпознатите меморијални места во САД посветени на жртвите од Втората светска војна

Повеќе од 80 години по потонувањето на воениот брод УСС Аризона, од неговите остатоци и натаму полека истекува нафта во водите на Пацификот, потсетувајќи на трагичните настани од нападот на Перл Харбор во Втората светска војна. Овие остатоци денеска претставуваат едно од најпознатите меморијални места во САД посветени на жртвите од Втората светска војна. Бродот потонал на 7 декември 1941 година, за време на јапонскиот напад врз американската поморска база Перл Харбор на Хаваи, кога во неговите резервоари имало околу 5.000 тони нафта.

„Дел од таа нафта и денеска останува заробена во бродот, а резервоарите сè уште се проценуваат како до половина полни. Веќе 84 години горивото постепено истекува од бродот и остава тенки масни траги на површината на водата“, напиша „Сајенс фокус“

Жителите овој феномен го нарекуваат „црните солзи на Аризона“, поради малите темни капки што редовно можат да се забележат околу меморијалниот брод. Според процената на експертите, во внатрешноста на бродот и понатаму има стотици илјади литри гориво. И покрај потенцијалниот еколошки ризик, американските власти со години избегнуваат поголеми интервенции за да не го уништат местото кое има статус на воен меморијал и гробница за морнарите кои останале заробени во бродот по нападот. УСС Аризона е еден од симболите од нападот на Перл Харбор, во кој загинале повеќе од 2.400 американски војници и цивили.

– Иако ова се смета за најдолготрајното излевање нафта предизвикано од човек, неговиот обем е далеку помал во споредба со природните извори на истекување нафта, објаснуваат научниците.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано