Новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри (објавен во „Службен весник“, бр. 148/26 од 6 јули 2026 година) претставува системска и сеопфатна правна рамка наменета за воспоставување на повисок степен на јавен надзор, фискална транспарентност и пазарна дисциплина во секторот на игрите на среќа. Новиот Закон всушност претставува најрадикална реформа во овој сектор во изминатата деценија. Со него државата за првпат воспоставува ред во онлајн коцкањето и социјалниот маркетинг (како што се популарните интернет подарувања – giveaway), со цел да се осигура целосна транспарентност, фискална одговорност и намалување на девијантните појави во општеството.
Законот за игрите на среќа (во натамошен текст: „Законот“) стапува во сила од 14 јули 2026 година и ќе се базира на два клучни столбови:
• Поголема заштита на граѓаните (особено младите): Ова е столбот под кој спаѓа контролата на социјалните наградни игри (giveaways), забраната за рекламирање со јавни личности и заштита на јавниот интерес и здравјето на граѓаните, со посебен акцент на малолетните лица, преку воведување на строги просторно-географски ограничувања и задолжителна дислокација на објектите на 500 метри оддалеченост од училиштата.
• Посилна државна и фискална контрола со дигитална трансформација на надзорот, преку воведување на софистициран дигитален мониторинг во живо (преку GPS и софтвери поврзани со УЈП).
Како главни новини и реформи во законското решение би ги издвоиле следните:
• Новини во однос на правото на приредување на игрите на среќа,
• Пропишана оддалеченост на казината, автомат-клубовите и просториите за електронски игри на среќа најмалку 500 метри од училиштата,
• Воведување на задолжителен ГПС-систем (GPS) за контрола,
• Социјалните наградувања (giveaways) како нова категорија игри на среќа, со фискални давачки,
• Строги ограничувања за рекламирање на игрите на среќа,
• Нови правила за потребна основна главнина и
• Финансирање на филмот и ранливите категории.








