пишува: Оливија Филиповска | Авторот е аналитичар, експерт за банкарски процеси и деловни модели
За современите банкарски деловни процеси, политиките на ЕСГ (Environmental, Social, Governance Goals) се фактор со можеби најголем трансформирачки потенцијал како од аспект на деловниот модел така и пошироко од аспект на влијанието врз општествениот развој. Водени од регулаторните барања, од очекувањата на инвеститорите и од јакнењето на општествената свест за одржлив раст, банките неминовно навлегуваат во период на длабока деловна транзиција и еволуирање на традиционалниот деловен модел преку интегрирање на принципите на одржливост во својата стратегија, во операциите и во управувањето со ризиците. ЕСГ-политиките на банките можат да се опсервираат преку две широки категории: интерни влијанија преку сопствениот еколошки отпечаток (во улога на потрошувач), влијанија врз работната средина која ја креираат како работодавач, како и екстерни влијанија кои се пренесуваат преку насочувањето на паричните текови кон различни видови проекти преку банкарските производи и услуги.
Влијание врз кредитирањето и алокацијата на капитал
Еден од најзначајните ефекти на ЕСГ-политиките на банките има потенцијал да се реализира преку критериумите за одлучување − кому и под кои услови одобруваат финансиски средства. ЕСГ-критериумите сè повеќе се прифатени како важни аспекти на кредитните политики и како релевантни индикатори во процесите за проценка на ризик.
Слабиот еколошки учинок, недоволно транспарентното корпоративно управување, како и социјално неодржливата и неинклузивна работна средина ги прават компаниите да бидат перципирани како субјекти со повисок долгорочен ризик при кредитирањето. Климатските ризици (транзициски и физички ризици) можат директно да влијаат врз солвентноста на должниците со што некои субјекти можат да бидат оценети како поризични за кредитирање од страна на банките. За таа цел, банките воспоставуваат рамка и инструменти за насочување на капиталот кон поодржливи проекти, а истовремено создаваат услови за ограничување или за поскапување на кредитирањето за компании со негативно ЕСГ-влијание.
Ваквиот пристап има потенцијал да влијае на структурна промена на кредитното портфолио, како и трансформација на традиционалниот банкарски модел базиран на традиционалното кредитирање водено исклучиво од финансиски показатели.
Нови производи и извори на приходи
ЕСГ-политиките не создаваат само дополнителни ограничувања, тие воедно покренуваат процеси на креирање на иновации на финансискиот пазар. Иновативните финансиски производи на банките истовремено носат приходи и придонесуваат за одржлив развој.
Така сè почесто се застапени: зелените кредити, одржливите обврзници и ЕСГ-поврзаните кредити, кај кои каматната стапка е условена од постигнувањето одредени еколошки или социјални цели. Така банките, покрај својата традиционална улога да обезбедуваат финансиски средства, активно учествуваат во трансформацијата на своите клиенти и во поддршката за имплементација на одржливост во нивното работење.
Регулаторни барања и усогласеност
Во имплементацијата на ЕСГ-политиките, регулаторниот притисок е клучен фактор во банкарскиот сектор. Институциите сè почесто наметнуваат барања од банките да ги идентификуваат, да ги мерат и да ги управуваат ЕСГ-ризиците во рамките на своите деловни процеси.
ЕСГ-ризиците се интегрираат и влијаат на адекватноста на капиталот на банките, а влијанието се проценува преку стрес-тестовите и интерните процеси за проценка на ризик. Банкарските институции се обврзани на дополнителна транспарентност во работењето преку нефинансиски извештаи кои ја прикажуваат нивната изложеност кон климатски и социјални ризици.
Со тоа комплексноста на усогласеноста со прописите станува сè поголема и се наметнува потребата од имплементација на напредни аналитички алатки и квалитетни податоци.
Промени во управувањето и во интерната организација на процесите
ЕСГ-политиките се рефлектираат и врз корпоративното управување во банките. За таа цел, како дел од управувачката структура, се формираат ЕСГ-комитети на ниво на управен или на надзорен одбор со цел да се обезбедат соодветен надзор и одговорност. Со воведување на ЕСГ-индикаторите како дел од системите за мерење на раководните резултати се менува и културата при носењето на деловни одлуки. Фокусот на краткорочна профитабилност во управувањето се поместува кон долгорочни вредности и одржливост. На тој начин се воспоставува систем за интеграција на ЕСГ-вредностите во интерните функции (вклучително и управување со ризици, човечки ресурси, стратешко планирање итн.).
Однос со институционалните клиенти и репутација
Од аспект на односите со институционалните клиенти, ЕСГ зазема сè поважна улога во градењето доверба и репутација. Банките преку активно поддржување на социјални и на еколошки проекти воедно ја јакнат својата пазарна позиција и го намалуваат репутацискиот ризик поврзан со евентуално финансирање контроверзни индустрии и проекти. На овој начин, ЕСГ станува етичка обврска, но и дел од конкурентската деловна стратегија.
Долгорочната трансформација на банкарскиот деловен модел е најзначајното влијание во тој контекст. Банките ја препознаваат својата поширока општествена улога и се трансформираат во активни агенти за поддршка на економијата и на општеството на патеката кон одржлив развој, надминувајќи ја својата традиционална улога во финансиското посредување.
Ваквиот модел го зајакнува капацитетот во управувањето со системските ризици, создава севкупна зголемена отпорност на системски кризи и го јакне придонесот кон создавање долгорочни општествени вредности. На тој начин, ЕСГ станува интегрален дел од стратегијата, од идентитетот, од културата и на бизнис-моделот на современите банки.
Заклучок
Политиките на ЕСГ суштински го редефинираат банкарскиот деловен модел преку создавање рамка за промени во кредитирањето, управувањето со ризици, корпоративното управување и односите со клиентите. Покрај зголемени трошоци и низа организациски предизвици, правилната имплементација на ЕСГ-aспектите овозможува поголема долгорочна стабилност, поддршка на одржливиот раст и конкурентски предности на долг рок.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г










