Иницијативата за проектот БИЗНИС КЛУБ, како резултат на истоимениот подкаст во две продолженија „Бизнис клуб“ и „Бизнис клуб 2“, има цел преку македонските бизнисмени кои оставиле препознатлив белег на економијата на државава со своите производи и брендови и афирмацијата на Македонија на светските пазари со своето знаење, искуство, претприемачки дух и посветено работење, да внесат свежина во македонската економија и да бидат носечки столб за идниот економски развој на државава.
Фокусот на „Бизнис клуб“ при Стопанската комора има за цел преку интервјуата со истакнати и успешни бизнисмени да стави акцент на промоција на младите македонски бизнисмени, кои со своето знаење, искуство, претприемачки дух и посветено работење, даваа конкретен придонес и внесуваа свежина во македонската економија и кои ќе бидат носечки столб за идниот економски развој на државата.
Идејата, која започна како иницијатива, за десет дена прерасна во реалност со снимањето на првата епизода на поткастот „Бизнис-клуб“, на 24 октомври 2024 година. Во снимањето на поткастот претседателот Бранко Азески ја презеде улогата на домаќин и водител − чин што ѝ даде дополнителна симболика, институционална тежина и кредибилитет на целата иницијатива и постави високи стандарди за понатамошниот развој на проектот. Соговорниците (38 вкупно во двете сезони), се релативно млади, но веќе докажани успешни бизнисмени, претприемачи и експерти во одредена област, кои отворено и искрено го споделија својот професионален пат во кариерата, личните погледи за актуелните состојби и перспективи на македонската економија и своите искуства во носењето одлуки и преземање ризици во услови на неизвесност. Нивните искуства и ставови не беа значајни само за бизнис-заедницата туку и за државава во целина затоа што бизнисот не може и не смее да постои сам за себе − тој мора да постои за сите.
Поткастот „Бизнис-клуб“ во следните месеци се етаблираше како платформа која отвора нови хоризонти за размислување и поттикнува суштински дијалог за актуелните економски предизвици. До пошироката јавност ги доближува искуствата и вредните согледувања за можностите и за ограничувањата на македонскиот приватен сектор и за промените во глобалната економија, што овозможува подобро разбирање на локалниот и на глобалниот економски контекст и создава простор за учење од искуствата на најуспешните млади бизнисмени.
„Бизнис-клубот“ е огледало на времето во кое живееме − време кога економијата повеќе не е само прашање на профит туку и на вредности, визија и одговорност. И токму затоа неговиот најголем успех нема да се мери само во бројки, туку во влијанието врз една генерација која сака да разбере, да учи и да создава.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г








