ПО ВОВЕДУВАЊЕТО НА ЕВРОТО БУГАРИЈА НАПРАВИ ГОЛЕМ ИСЧЕКОР НА ПАЗАРОТ НА КАПИТАЛ

Министерството за финансии на Бугарија објави дека земјата успешно издаде обврзници со вкупна номинална вредност од 2,5 милијарди евра на меѓународниот пазар на капитал.

Ова е воедно прво задолжување на Софија на странски пазар по официјалното пристапување кон Еврозоната, пренесува БТА.

Државата го зголеми обемот на обврзници што доспеваат во 2032 и 2038 година за по една милијарда евра, додека емисијата на обврзници што доспеваат во 2045 година е зголемена за 500 милиони евра.

Станува збор за повторно отворање на постојните емисии во рамките на среднорочната програма за издавање долг на меѓународните пазари на капитал.

Обврзниците што доспеваат во 2032 година имаат фиксна годишна каматна стапка од 3,625 проценти, додека купонската стапка за емисии што доспеваат во 2038 и 2045 година е 4,125 проценти.

Остварените приноси беа 3,493 проценти за обврзницата од 2032 година, 4,271 проценти за обврзницата од 2038 година и 4,674 проценти за емисијата од 2045 година.

Интересот на инвеститорите беше голем, па вкупната побарувачка надмина 9,5 милијарди евра, што е речиси четири пати повеќе од понудениот износ, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано