Бугарија официјално ги започна подготовките за домаќинство на Евровизија 2027, а владата потврди дека организациската структура ќе биде воспоставена оваа недела по победата на Дара на 70-тото издание на натпреварот во Виена, објави novinite.com.
Министерот за култура Евтим Милошев изјави дека Советот на министри ќе формира посебно тело одговорно за координација на настаните, вклучувајќи избор на место, безбедносно планирање, логистика, маркетинг и целокупно управување.
– Оваа недела, Советот на министри ќе формира организација за домаќинство на Евровизија во Бугарија – рече тој, додавајќи дека подготовките започнуваат веднаш по победата на земјата.
Според министерот, транзицијата на земјата од учесник во домаќин означува значаен културен момент.
– Благодарение на успехот и талентот на Дара, Бугарија се претвора од гледач во сцена. Ова е платформа за видливост на бугарската култура и талент на европската сцена – рече тој и нагласи дека проектот не е чисто комерцијален.
Разговорите веќе се започнати во врска со потенцијалните градови домаќини, а неколку општини изразија интерес. Бургас, Пловид и Варна поднесоа понуди, додека Софија исто така се смета за водечка опција поради својата инфраструктура и капацитет. Милошев истакна дека одлуката ќе зависи од голем број практични фактори, вклучувајќи логистика, безбедност и организациски капацитет.
Во исто време, Бугарската национална телевизија, која ќе служи како официјален радиодифузер и институција домаќин, веќе започна внатрешна координација. Генералната директорка на БНТ, Милена Милотинова, изјави дека подготовките започнуваат веднаш и дека радиодифузерот тесно ќе соработува со државните институции и надворешните експерти.
Трошоците за организацијата на Евровизија варира во зависност од годината и земјата домаќин, но генерално е еден од најскапите телевизиски настани во Европа. Според достапните проценки од последните години, основните трошоци за организација обично се околу 25 до 40 милиони евра, во некои случаи (во зависност од градот, безбедноста и продукцијата) може да достигнат и над 50 милиони евра.
Најголемите трошоци се ТВ продукција и спектакуларна сцена, потоа безбедност и логистика (илјадници учесници и гости), но и сместување и организација на промотивни делегации и придружни настани во градот домаќин, пренесуваат медиумите во Бугарија.
Фото МИА








