Охрид со дводневна програма ќе го одбележи Илинден

Почитувајќи ја традицијата и значењето на 2 Август – Денот на Републиката, Општина Охрид годинава ќе го одбележи големиот македонски празник со дводневна програма исполнета со свечени чествувања, културни настани и музички настапи.

Програмата започнува на 1 август во 20:30 часот кај споменикот на Илинденците во селото Велгошти, каде ќе биде положено свежо цвеќе, а пред присутните ќе се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Во рамки на вечерната програма ќе биде изведен драмскиот перформанс „Македонија ќе роди нови борци, вие ќе живеете во срцата наши“, по што ќе следуваат настап на охридскиот женски квартет „Harmonix“ и концерт на Јована Богданоска.

Одбележувањето продолжува на 2 август со положување цвеќе пред спомен-обележјата на Илинденците во Градскиот парк и кај Прентов мост. Во 11 часот кај Прентов мост ќе се одржи историски час, по што е предвидена културно-уметничка програма и настап на музичката група „Премиера бенд“.

Прославата ќе заврши со традиционалната „Илинденска вечер“ во селото Елшани, каде од 21 часот, во дворот на црквата „Свети Илија“, ќе настапат Перчо Матлиески и Анастасија Митровска.

Од Општина Охрид потсетуваат дека Илинден е симбол на слободата, храброста и заедништвото и упатуваат покана до граѓаните да бидат дел од свеченостите и заеднички да го одбележат еден од најзначајните датуми во македонската историја.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано