Француските пожарникари за прв пат се соочуваат со огромните огнени облаци, познати како пирокумулонимбуси, кои се формираат за време на екстремни шумски пожари, додека се обидуваат да го стават под контрола големиот пожар во југозападниот дел на земјата. Францускиот истражувач на шумски пожари Жан-Батист Филипи верува дека овој феномен е уште една последица од климатските промени предизвикани од човековата активност.
Пожарникарите кои се борат со разорните пожари во Франција се соочија со нова закана: огромни огнени облаци кои создаваат свои ветрови, па дури и молњи кои можат да предизвикаат нови пожари, пишува France 24.
Овие заканувачки бури, познати како огнени облаци или пирокумулонимбусни облаци, се формираат над екстремно моќни пожари и можат дополнително да ги влошат веќе екстремно опасните услови.
Според францускиот истражувач Жан-Батист, кој ги проучува шумските пожари, тоа е феномен кој се појавил во Франција само во последниве години и е уште една последица од климатските промени предизвикани од човековата активност.
Додека пожарникарите во југозападна Франција се борат да го стават под контрола огромниот шумски пожар пред доаѓањето на уште еден топлотен бран, Филипи објасни за AFP за каков феномен станува збор.
Тоа е систем на бури во кој се создава столб од воздух над огнот. Сè започнува како мал бел облак – кумулус – кој се формира кога водената пареа се кондензира во ситни капки.
Како што Сонцето ја загрева земјата, водената пареа брзо се кондензира. Кумулусот расте во многу поголем облак што содржи илјадници тони лебдечка вода.
Кога околниот воздух доволно се затопли, се формира растечки столб од воздух со карактеристичен облак во облик на наковална – кумулонимбус.
Потоа се кондензира уште повеќе воздух и се ослободува дополнителна енергија, при што нагорните струи можат да достигнат брзина од повеќе од 150 километри на час.
На крајот се јавуваат врнежи, но дождот испарува пред да стигне до земјата.
Ова е честа појава во Португалија, Калифорнија и Австралија, каде што пожарникарите се многу повеќе навикнати на вакви услови.
Тие беа ретки во Португалија сè до катастрофалните пожари во Педрогао Гранде во 2017 година, по што станаа многу почести.
Во Франција, пирокумулонимбусот е сè уште релативно нов феномен. Тие беа забележани над Ландирас, јужно од Бордо, за време на пожарот во 2022 година, но потоа беа краткотрајни, пренесува Н1.
Фото архива Економија и бизнис








