ОД УТРЕ – ЕУ ќе ги укине царините за повеќето американски производи

Почнувајќи од утре, Европската Унија ќе ги укине царините за повеќето индустриски и земјоделски производи од Соединетите Американски Држави, во согласност со трговскиот договор постигнат минатата година со Вашингтон, објави денес Европската комисија.

Олоф Гил, портпаролот на Европската трговска комисија, изјави дека Европската Унија го исполнила ветувањето дадено во трговскиот договор и оцени дека тоа е „добра вест за трансатлантските односи“, објави Фигаро.

Елиминирањето на царините е главната обврска што Европската Унија ја презеде минатото лето за време на преговорите во Тернбери, Шкотска, во замена за ограничување на американските царини за увоз од ЕУ на 15 проценти.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го критикуваше бавниот процес на ратификација во Европската Унија и побара од европските партнери да го спроведат договорот до 4 јули, кога САД ја слават 250-годишнината од прогласувањето на независноста.

Во компромисот постигнат со земјите-членки во мај, членовите на Европскиот парламент го добија воведувањето на посебна клаузула, според која трговскиот договор автоматски ќе престане да важи на крајот на 2029 година, по завршувањето на мандатот на Доналд Трамп, освен ако дотогаш не се донесе одлука за негово продолжување.

Европската комисија ќе има и можност да го суспендира спроведувањето на договорот доколку Трамп не ги укине дополнителните царини од 50 проценти за стотици производи што содржат челик и алуминиум до крајот на годината.

Гил рече дека разговорите со американската администрација продолжуваат.

„Конструктивните разговори продолжуваат на техничко и политичко ниво“, рече Гил, додавајќи дека Европската комисија ќе ја продолжи соработката со САД, така што сите обврски преземени минатиот август ќе бидат спроведени со добра намера.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано