ОД БЕЛГРАД ДО БУДИМПЕШТА ЗА ТРИ ЧАСА СО БРЗ ВОЗ со 200 км/час, официјалното пуштање на пругата за неколку недели

Тестирањето на железницата Белград-Будимпешта во услови на максимално оптоварување е успешно завршено на делницата низ Унгарија, потврди унгарскиот министер за транспорт и инфраструктура Давид Витези.

Успешната симулација на возење според планираниот распоред достигна клучен чекор кон воспоставување редовен патнички сообраќај, па се очекува брзиот воз да започне со работа во наредните недели.

Во текот на викендот, на унгарскиот дел од трасата беше спроведено тестирање без патници, но со целосна симулација на реални услови за работа. По завршувањето на деталната анализа на извештајот од тестирањето во наредните денови, се очекува официјално соопштение за безбедноста и точниот датум на пуштање во употреба на железницата.

Планирано е вкупно 16 брзи возови дневно да сообраќаат на трасата помеѓу Белград и Будимпешта. На српскиот дел од трасата, возовите ќе развиваат брзина до 200 километри на час, додека низ Унгарија ќе се движат со брзина од 160 километри на час. Ова ќе го намали времето на патување, кое моментално трае помеѓу пет и шест часа, на околу три часа.

На српската страна, инфраструктурата беше завршена порано – брз воз ги поврзува Белград и Нови Сад веќе две години, додека делницата од Нови Сад до Суботица беше пуштена во сообраќај пред една година, пренесуваат српските медиуми.


Извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано