На Градежниот факултет во Скопје првпат денеска се одржа „Бизнис ден 2026“, насловен „Од амфитеатар до реализација – од студент до менаџер“. Настанот, во организација на Факултетот, обедини успешни инженери, менаџери и алумни, кои го споделија своето работно искуство од градежниот сектор со студентите.
Државниот секретар во Министерството за транспорт, Стефан Волкановски, во воведно обраќање истакна дека ваквите иницијативи се дел од пошироките процеси за развој на државата и јакнење на синергијата меѓу институциите, образованието и приватниот сектор.
– Секоја инвестиција во инфраструктурата значи нови можности и економски напредок, но таа не е само бетон и асфалт – туку темел за идниот развој – нагласи Волкановски.
Тој додаде дека Владата е фокусирана на капитални инвестиции, со цел да се изгради модерна инфраструктура и земјата да се позиционира како конкурентна транзитна дестинација во регионот.
Воедно, Волкановски потенцираше дека ваквите настани се важни за поврзување на младите со реалниот сектор. Според него, успешната инфраструктурна политика зависи од соработката меѓу државата, градежните компании и студентите.
– Најважната инвестиција е инвестицијата во младите, бидејќи тие се идните инженери и носители на развојот. Затоа е неопходно да им се овозможи практично искуство и директна вклученост во процесите – истакна тој, додавајќи дека токму ваквите форуми треба да станат редовна практика.
Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, посочи дека настанот има цел да ги подготви студентите за реалниот пазар на труд.
– Целта ни е да им пренесеме порака на студентите што е неопходно за да се биде успешен во оваа професија – не само техничките компетенции, туку и т.н. меки вештини, како комуникацијата, управувањето и носењето одлуки – посочи Јосифовски. Тој нагласи дека токму ваквите вештини се клучни за професионалниот развој.
Проф. д-р Горан Мијоски подвлече дека идејата за настанот произлегла од реалните потреби на студентите и стопанството.
– Донесовме одлука да го организираме првиот Бизнис ден токму со цел да обезбедиме полесна транзиција од клупа до објект – рече Мијоски.
Тој додаде дека една од главните цели е студентите да ја започнат и градат својата кариера во земјава.
– Клучната порака е дека нашите студенти треба да останат да работат во Македонија, бидејќи веќе се соочуваме со сериозен недостиг од инженерски кадар – нагласи Мијоски.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








