Новата Централа на Стопанска банка – прва LEED Gold сертифицирана зграда во земјата

Новата централна зграда на Стопанска банка е првиот објект во земјата што доби LEED Gold сертификат, една од најпрестижните светски сертификации за одржливост во градежништвото. Постигнувањето го позиционира овој проект како пример за одржлив развој во нашата земја и ја демонстрира долгорочната посветеност на Банката кон заштитата на животната средина, иновациите и благосостојбата на вработените и клиентите.

LEED претставува кратенка за „Leadership in Energy and Environmental Design“ (Лидерство во енергетски и еколошки дизајн) и е глобално признат систем за сертификација, а развиен од Американскиот совет за зелени градби (U.S. Green Building Council). Неговата цел е да промовира поздрави, поефикасни и еколошки објекти. Со оглед на тоа што изградениот простор е одговорен за речиси 40 отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид и значителна потрошувачка на суровини, одржливата градба повеќе не е исклучок, туку неопходност за иднината на нашите градови и заедници.

Седиштето на Стопанска банка ги отсликува овие принципи, поставувајќи нови стандарди за начинот на кој се проектираат, градат и управуваат објектите во Скопје. Проектот постигна високи резултати во повеќе категории на LEED, вклучувајќи: ефикасност на искористување на водата, енергијата и атмосферата, материјали и ресурси, квалитет на внатрешната средина, одржливи локации, локација и транспорт, иновации и регионален приоритет. Преку стратегии, како значително намалување на потрошувачката на вода во затворен и надворешен простор, висока оптимизација на енергетската ефикасност, примена на обновливи извори на енергија и одговорно управување со градежниот отпад и рециклирањето, зградата значително го намалува својот еколошки отпечаток, истовремено создавајќи поздрава и поудобна внатрешна средина за вработените на Стопанска банка.

Одржливите принципи беа интегрирани уште од најраните фази на проектирање на објектот. Ефикасните системи за греење, вентилација и климатизација (HVAC), осветлувањето, еколошки одговорните материјали, производите со ниски емисии, водоефикасните инсталации и внимателно избраните градежни решенија беа координирани во согласност со LEED барањата. Постигнувањето на оваа сертификација бараше блиска соработка меѓу архитекти, инженери, технички консултанти, изведувачи, производители и LEED консултанти во текот на сите фази од проектот – од концепт до финална изведба и пуштање во употреба.

По повод ова постигнување,  Хрисула Кутуди, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, изјави:

„Развојот на нашето ново седиште, покрај градежниот проект, го означува и нашиот пат на трансформација. Заедно со сите наши партнери и со вредната и значителна поддршка  на NBG Групацијата, поставивме цел да изградиме објект што ги исполнува највисоките меѓународни стандарди, а воедно ги одразува и нашите вредности како одговорна институција. Добивањето на LEED Gold сертификацијата е доказ за посветеноста, експертизата и соработката на сите инволвирани страни. Исклучително сум горда на проектниот тим на Стопанска банка, чија посветеност беше непоколеблива и клучна за оваа визија да стане реалност. “

Лоцирано во срцето на Скопје, седиштето на Стопанска банка претставува повеќе од само сертифицирана зграда – тоа симболизира визија насочена кон иднината на градот. Проектот ја одразува посветеноста на Банката кон одговорни инвестиции, грижа за животната средина и благосостојбата на вработените, клиентите и пошироката заедница, зацврстувајќи ја позицијата на Стопанска банка како лидер, не само во банкарството, туку и во одржливите корпоративни практики. Како прва LEED-сертифицирана зграда во Скопје, таа поставува значаен пример за идните проекти и придонесува за подигање на свеста за одржливите градежни практики во регионот.

Повеќе од истиот автор

Најчитано