Проектот „Нова делта“, еден од најголемите земјоделски проекти, опфаќа околу 9.000 квадратни километри на северозападниот брег на Египет, а официјално беше отворен во недела од претседателот Абдел Фатах ел-Сиси.
Целта на овој египетски проект за развој на земјоделството во пустината е одгледување пченица на рекултивирано земјиште, како и создавање повеќе од два милиони работни места.
Главниот проект предвидува доведување вода во пустинските области западно од реката Нил со цел да се зголеми земјоделскиот капацитет на регионот. Исто така, се планира проширување на обработливото земјиште на Египет за околу 15 проценти, со фокус на производство на пченица, пченка, зеленчук и извозни култури како што се маслинки и смокви, со цел да се намалат високите трошоци за увоз на храна.
Според плановите, вкупната површина на ново земјоделско земјиште во иднина треба да достигне 2,2 милиони федани, или приближно 9.000 квадратни километри. Во своето обраќање во неделата, Ел-Сиси изјави дека вкупната инвестиција во проектот моментално изнесува околу 800 милијарди египетски фунти, или 15,1 милијарди долари.
Еден од клучните делови на проектот „Нова делта“ е проширениот систем за водоснабдување, кој во Египет веќе се нарекува „вештачка река“.
Тоа е систем кој бара голема количина на енергија, бидејќи транспортира вода од ниски дренажни канали до повисоки пустински висорамнини. Ова го истакна самиот Ел Сиси за време на говорот, повикувајќи ги властите подетално да им ги објаснат трошоците за проектот на граѓаните за да го разберат обемот на извршената работа, пренесува Курир.
Фото Економија и бизнис








