НИСКОБУЏЕТНИТЕ АМЕРИКАНСКИ КОМПАНИИ БАРААТ ДРЖАВНА ПОМОШ ПОРАДИ ВИСОКАТА ЦЕНА НА КЕРОЗИНОТ

Група американски нискобуџетни авиокомпании побараа од владата на Соединетите Американски Држави пакет помош од околу 2,5 милијарди долари за ублажување на последиците од зголемувањето на цените на керозинот.

Според анонимни информирани извори, барањето се базира на проценка на дополнителните трошоци, со претпоставка дека просечната цена на горивото ќе остане повисока од четири долари за галон до крајот на годината, објавува „Волстрит џурнал“.

Претставници на секторот за нискобуџетна авијација разговараа во Вашингтон со Министерството за транспорт на САД и Федералната администрација за авијација, по што нивното барање беше проследено до Белата куќа.

Во наредните денови се очекуваат преговори за можен пакет помош, додадоа изворите. Зголемувањето на трошоците за гориво веќе ги принуди големите американски авиокомпании, да ги ревидираат своите годишни прогнози надолу поради повисоките оперативни трошоци.

Зголемувањето на цените на горивата поради војната на Блискиот Исток ќе доведе до значително повисоки цени на авионските билети, но не се очекува цените на билетите да се намалат кога цените на горивата ќе бидат пониски, изјави извршниот директор на „Јунајтед ерлајнс“, Скот Кирби.

Кирби рече дека повисоките цени на билетите се поттикнати подеднакво од големата побарувачка за патувања, како и од цената на горивото, и дека и покрај повисоките цени на билетите, патниците резервираат билети во рекорден број кај многу авиокомпании, пренесува Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано