Извршниот одбор на Народната банка на Србија на денешната седница одлучи да ги заостри монетарните услови со зголемување на референтната каматна стапка за 25 базични поени, на ниво од шест проценти, објави НБС.
Стапката за депозитни средства е исто така зголемена на 4,75 проценти, како и стапката за кредитни средства на 7,25 проценти.
„Земајќи ги предвид реализираните и очекуваните движења на инфлацијата во наредниот период, како и ризиците од меѓународното и домашното опкружување што можат да влијаат на нејзиното движење, Извршниот одбор заклучи дека зголемувањето на референтната каматна стапка е соодветна и навремена мерка со цел да се спречат позначајни секундарни ефекти од енергетскиот шок врз другите цени и да се обезбеди стабилност на цените на среден рок“, се наведува во образложението на оваа одлука.
Годишната инфлација во Србија се зголеми на 4,1 процент во септември, во согласност со очекувањата на Извршниот одбор, првенствено поради ниската база од минатата година кај цените на прехранбените производи и хемикалиите за домаќинство, кои беа предмет на регулативата за ограничувања на маргината.
На трендот на инфлацијата влијаеше и зголемувањето на цената на нафтените деривати од над 17 проценти на годишно ниво поради зголемувањето на цената на нафтата на светскиот пазар, која ќе беше уште поголема доколку државата не ги намалише акцизите за горивата.
Зголемувањето на референтната каматна стапка на Народната банка на Србија (НБС) на шест проценти постепено ќе се одрази на каматата на кредитите со променлива каматна стапка. Последиците прво ќе ги почувствуваат оние кои ги враќаат кредитите со променлива каматна стапка, додека промените нема да се случат одеднаш.
Фото Економија и бизнис








