Муцунски: Иднината нема нужно да им припадне на најголемите компании, туку на оние што најбрзо се приспособуваат

Улогата на државата не е да го замени приватниот сектор, туку да создаде услови во кои претприемништвото, знаењето и капиталот ќе можат да создаваат нова вредност и во таа насока Министерството за надворешни работи и надворешна трговија активно ја развива економската дипломатија како практична алатка за поддршка на македонските компании – порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во воведното обраќање денеска на настанот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, во организација на канцеларијата на ОН, а во соработка со Стопанската комора и МНР и НТ.

– Нашата дипломатска мрежа мора да биде насочена кон конкретни резултати: отворање нови пазари, привлекување инвестиции, промоција на извозот, поврзување на компаниите и навремено информирање за промените на глобалните пазари – истакна Муцунски.

Тој порача и дека во современата економија, дипломатските односи мора сè повеќе да се претвораат во економски можности.

– Суштинската порака е едноставна – новите стандарди не треба да ги гледаме само како товар. Треба да ги гледаме како можност за модернизација, воведување нови технологии, повисока продуктивност и освојување нови пазари – рече Муцунски.

Потенцирајќи дека живееме во време на забрзани геополитички, економски и технолошки промени, Муцунски рече дека нарушените синџири на снабдување, енергетската нестабилност, климатските предизвици и новите регулаторни политики создаваат нова деловна реалност.

– Прашањето повеќе не е дали ќе има промени. Прашањето е дали ќе бидеме подготвени тие промени да ги претвориме во наша конкурентска предност. Секоја криза носи ризици, но отвора и простор за нови идеи, нови пазари, нови технологии и нови деловни модели. Можноста ќе ја искористат оние компании и економии кои навреме ќе ги препознаат новите правила на играта – истакна министерот.

Тој потсети дека Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, одржана во Севиља во 2025 година, испратила јасна порака –  глобалните развојни цели не можат да се постигнат без силна и активна улога на приватниот сектор.

– Компаниите се двигатели на иновациите, на отворањето нови работни места и на одржливиот економски раст. Затоа, денешниот форум е можност да разговараме како одржливоста да стане реална основа за повисока продуктивност, поголема конкурентност и посилен раст – изјави Муцунски.

Тој нагласи дека европските пазари веќе поставуваат нови стандарди, а за македонските компании, особено за извозно ориентираните, сè поважно станува не само што произведуваат, туку и како го произведуваат тоа.

– Одговорното управување, енергетската ефикасност, транспарентноста, дигитализацијата и одржливите деловни практики стануваат предуслов за успех на европските и глобалните пазари. Како мала и отворена економија, силно интегрирана во европските синџири на вредност, овие промени не можеме да ги гледаме како далечни процеси. Тие веќе се дел од нашата деловна реалност. Затоа Владата презема конкретни чекори за создавање стабилна и предвидлива рамка за зелена и економска трансформација. Нашата цел е да создадеме услови во кои компаниите полесно ќе инвестираат, побрзо ќе воведуваат иновации и поуспешно ќе ја зајакнуваат својата конкурентност – порача Муцунски.

Тој нагласи и дека иднината нема нужно да им припадне на најголемите компании, туку на оние што најбрзо се приспособуваат, инвестираат во луѓе, знаење и технологија, што навреме ги препознаваат и ризиците и можностите.

-Во време кога промените се побрзи од кога било, отпорноста не значи само способност да се издржи кризата. Таа значи способност да се учи, да се приспособува и да се расте. Токму затоа, градењето отпорни компании е заедничка одговорност на институциите, приватниот сектор, финансискиот сектор, академската заедница и меѓународните партнери – нагласи Муцунски.

Министерот истакна дека само преку вистински јавно-приватен дијалог, предвидлива регулатива, ефикасни институции и силни партнерства можеме да создадеме деловно опкружување подготвено за идните предизвици.

Отпорна компанија, додаде министерот, не е само компанија која успешно ја преживува кризата, туку која од кризата излегува посилна, подобро организирана, поконкурентна и поподготвена за следниот предизвик.

– Охрабрува фактот што сè повеќе македонски компании инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и современи модели на управување. Таквите инвестиции носат конкретни резултати: пониски трошоци, повисока продуктивност, поголема доверба кај инвеститорите и посилна пазарна позиција.  Особено е важно оваа трансформација да биде достапна и за малите и средните претпријатија, кои се столб на македонската економија. За тоа е потребна координирана поддршка од институциите, стопанските комори, финансискиот сектор и меѓународните партнери. Но, главни носители на промените остануваат самите компании – рече Муцунски.

Тој напомена дека не смее да се заборави дека највредниот ресурс на секоја компанија се луѓето.

– Отпорноста не се гради само со капитал и технологија. Таа се гради со знаење, лидерство, мотивирани тимови и култура на одговорност. Инвестицијата во човечкиот капитал е инвестиција во долгорочната конкурентност на целата економија. Доколку оваа транзиција ја искористиме правилно, придобивките ќе значат повисока продуктивност, поквалитетни работни места, поголем извоз и подобро позиционирање на македонската економија во европските и глобалните синџири на вредност – изјави Муцунски.

– Убеден сум дека денешниот форум ќе понуди практични идеи и конкретни решенија како оваа визија да ја претвориме во реалност. На крајот, успехот нема да се мери само според тоа колку успешно сме ги надминале кризите. Ќе се мери според тоа колку успешно сме ги претвориле во можности за нов раст, нови инвестиции и посилна, помодерна и поконкурентна македонска економија. Во неизвесен свет, најуспешни нема да бидат оние што само реагираат на кризите. Најуспешни ќе бидат оние што навреме се подготвуваат за нив. Токму така се градат отпорни компании. Токму така се гради силна економија – порача Муцунски пред учесниците на денешната конференција. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано