МУЦУНСКИ ГО ОСТВАРУВА ОНА ШТО ГО ВЕТИ ВО КОМОРАТА

Во мојата долгогодишна кариера речиси секогаш сум имал контакт со дипломатијата. Неколку констатации за Министерството за надворешни работи ми беа неспорни:

  1. дека се работи за професионална институција;
  2. дека има суштинска улога во државата;
  3. дека е министерство со најдобра соработка со Комората.

Но, исто така, воочив и определени слабости:

  1. кадровски (наметнување нестручни надворешни лица);
  2. смешно глумење некакви високи интернационални цели кои немаат врска со реалноста;
  3. смешни суми за репрезентација на ДКП, кои можат да бидат доволни само за купување семки за грицкање.

Минатата недела во Брисел нешто ми се измести од просечноста и, види чудо, во позитивна насока.

  1. Нашите дипломати кои ме пречекаа во Брисел беа љубезни и професионални.
  2. Возниот парк е изненадувачки добар.
  3. Просториите на нашата мисија се одлични и локациски и просторно.

Сето тоа ги мотивираше домаќините, Европската комисија и Економско-социјалниот комитет, и тие беспрекорно и професионално да се вклучат во поддршката за нас.

Затоа одлучив јавно да ги истакнам лицата кои мислам дека прават позитивен пресврт во нашата дипломатија и кои почнуваат да ја реализираат владината политика за трансформација на МНР во Министерство за надворешни работи и за надворешна трговија.

Пеце Бошески од Битола, кој од 1971 година е во оваа работа; стружанката Мбареса Истрефи-Исмаили; Ерсин Баки и, за крај, амбасадорот Зулфи Исмаили е тимот кој функционираше како едно. Имавме време и за професионалните обврски и за дружење и за размена на мислења и за договори за натамошна соработка.

Ако членството во Унијата ни е целта кон која се движиме, нашето претставништво во центарот на ЕУ мора да биде точката од која ќе тргнат промените. Добро опремено, финансиски поддржано и подготвено за најголемите предизвици – да ја оставиме зад себе уравниловката и со пример да покажеме дека лидерството е врзано со целта и со темелните вредности, а тие, пак, со парите на граѓаните и со нивното добро.


пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Повеќе од истиот автор

Најчитано