Со изградбата на двата гасоводни интерконектори, со северниот и јужниот сосед, драматично ќе се зголеми геостратешкото значење на Македонија – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека едниот очекува да биде пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028.
Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште во Ченто, тој нагласи дека двата гасоводи ќе значат можност за инвеститори, кои би сакале да инвестираат во производствени капацитети на електрична енергија, а го користат гасот како погонско гориво, како и можност при реконструкција и модернизација на термоелектраните што користат јаглен како погонско гориво да направат конверзија на гас.
– Во овој момент како никогаш досега се градат два гасоводни интерконектори, едниот со нашиот јужен сосед, другиот со нашиот северен сосед. Едниот очекувам да биде синхронизиран и пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028 да биде целосно синхронизиран. Со тоа драматично ќе се зголеми геостратешкото значење на Македонија како земја, а од друга страна, овие два гасоводи ќе значат можност за инвеститори, кои би сакале да инвестираат во производствени капацитети на електрична енергија, кои го користат гасот како погонско гориво, но тоа ќе значи и можност за нас кога ќе стане збор за реконструкција и модернизација на термоелектраните што користат јаглен како погонско гориво да можеме да направиме конверзија на гас и така да ги зачуваме работните места и тие објекти да продолжат да произведуваат – појасни Мицкоски.
Тој нагласи дека процесот е во тек и оти АД ЕСМ разговара со Светската банка и набргу очекува убави вести за проектот.
Во однос на обезбедувањето на средствата за брзата пруга, премиерот информира дека допрва ќе биде објавен меѓународен повик.
– Веќе донесовме на Влада одлука и ја задолживме „Македонски железници, транспорт и инфраструктура“ да објави меѓународен повик, со кој ќе се бара финансиер – истакна Мицкоски посочувајќи дека очекува повикот да биде објавен овој месец.







