МАКЕДОНСКИОТ БОСТАН ГО ГУБИ ЗНАЧЕЊЕТО ЗА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ПАЗАРИ ВО СРБИЈА И КОСОВО

Производството на бостан (дињи и лубеници) во земјата во последните десетина години се движи приближно на 130 илјади тони. Со бостан лани биле засадени 4.999 хектари површина со вкупно производство од 132.323 тони, или во просек по 26.566 килограми од хектар.

Анализата на МИА на податоците на Државниот завод за статистика покажува дека иако домашното производство на бостан останува стабилно и Македонија во последните пет години има повеќекратно поголем извоз од увоз на лубеници, трговскиот суфицит забрзано се намалува поради силниот раст на увозот. Односот меѓу извозот и увозот се намалил од 6,4:1 во 2022 година на речиси 1,3:1 годинава, што укажува на постепено слабеење на извозната позиција на земјата.

Чешка останува најголем извозен пазар со 36 проценти учество во вкупниот извоз, а Албанија стана убедливо најголем снабдувач на домашниот пазар обезбедувајќи речиси 89 проценти од увезените количини. 

Анализата на податоците од Државниот завод за статистика покажува дека традиционалните регионални пазари, како Србија и Косово, го губат значењето, а расте улогата на пазарите од Централна и Источна Европа, особено балтичките земји. Норвешка и Германија остануваат најпрофитабилни пазари, со највисоки просечни извозни цени од килограм.

Извозот во последните неколку години варира, а увозот бележи континуиран раст. Извозот е силно сезонски концентриран во јуни, јули и август, при што јули обично е најсилниот месец, а увозот, иако се врши во текот на сите месеци, во обем е најголем во летните месеци.

Најголем извоз имаме во 2022 година кога биле извезени 11.378 илјади тони, а следната 2023 имаме најнизок извоз од 5.809 илјади тони. Во 2024 година повторно извозот се зголемува и изнесува 10.181 илјада тони, а лани биле извезени 7.408 илјади тони лубеница.  

Во првите седум месеци годинава биле извезени 4.381 илјада тони лубеница, а увезени се 5.924 илјади тони, што е реркод во апсолутни бројки во однос на последните неколку години. 

Во 2022 година сме увезле 1.589 илјади тони лубеница, 2023 година 2.178 илјади тони за во 2024 да го удвоиме на 2.850 илјади тони, а лани е веќе тројно зголемен увозот на лубеници и достигнува 4.757 илјади тони.

Ако се анализира по држави извозот на лубеници, во периодот 2022 – 2026 година е силно концентриран на пазарите на Централна и Источна Европа. Најзначајна дестинација во целиот период е Чешка, која континуирано е прв извозен пазар според количина и вредност, каде што во просек се извезуваат 2,4 милиони килограми. Украина, Литванија, Србија и Полска исто така имаат значајно учество, но со поголеми годишни осцилации.

Чешка е прва и по вредност, како пазар вреден 466,5 илјади евра во првите седум месеци, потоа следува Украина со 273,6 илјади евра, а трета е Норвешка со 191,7 илјада евра, иако е седма по количина, што значи дека таму се постигнува значително повисока цена за килограм од речиси 0,85 евра. 

По Норвешка, втора највисока просечна извозна цена во првите сеудм месеци годинава има Германија – 0,55 евра за килограм, потоа Украина – 0,32 евра за килограм, а Чешка е четврта со 0,22 евра за килограм. 

Пазари што купуваат најмногу, но по пониска цена се Чешка (0,21 – 0,30 €/кг), Србија (0,15 – 0,29 €/кг), Бугарија (0,12 – 0,31 €/кг) и Босна и Херцеговина (0,18 – 0,25 €/кг), а пазари со повисока заработка се Норвешка (0,39 – 0,85 €/кг), Финска (0,77 – 0,87 €/кг) и Германија (0,45 – 0,62 €/кг). Украина, Литванија и Полска се пазари што комбинираат релативно големи количини со цена од 0,25 до 0,35 €/кг.

Македонија останува нето-извозник на лубеници, но трговскиот суфицит значително се намалува со години. Увозот бележи силен раст и се зголемува од 1,6 милион килограми во 2022 година на над 4,3 милиони килограми во првите седум месеци од 2026 година. Албанија станува убедливо најважен снабдувач, со учество од речиси 89 % во вкупниот увоз. Намалувањето на односот извоз/увоз од 6,4:1 во 2022 година на 1,3:1 во 2026 година укажува на постепено слабеење на нето-извозната позиција на земјата во трговијата со лубеници. 

Најмногу лубеници увезуваме од Албанија, која има удел од 78 % во вкупниот увоз на лубеници во последните пет години, потоа следува Грција со 16,3 % и Турција со 3,1 %. 

Во последните пет години Албанија стана доминантен снабдувач на македонскиот пазар со лубеници. Нејзиниот удел пораснал од речиси 50 % во 2022 година на приближно 89 % во 2025 и 2026 година, што значи дека денес речиси 9 од секои 10 килограми увезени лубеници доаѓаат од Албанија.

Грција останува втор најважен снабдувач, но со значително помало учество, а Турција постепено го губи значењето и во 2026 нема регистриран увоз. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано