МАКЕДОНСКИ СТУДЕНТИ НАГРАДЕНИ НА МЕЃУНАРОДНАТА ОЛИМПИЈАДА ВО УЗБЕКИСТАН

Значаен меѓународен успех на студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, кои ја претставуваа Република Северна Македонија на третата меѓународна медицинска олимпијада „Medicine of the Future 2026“, одржана од 29 октомври до 1 ноември 2026 година во Ташкент, Узбекистан, во организација на Central Asian University.

На олимпијадата учествуваа 104 студентски тимови од 26 земји, со повеќе од 580 учесници, што ја претвори во значајна меѓународна платформа за размена на знаења, проверка на практичните медицински вештини и претставување на идните генерации лекари.

Македонскиот тим, составен од студенти на Медицинскиот факултет – Скопје, предводен од Ана Ќупева, а под менторство на асист. д-р Филип Наумовски, MD, PhD, од Катедрата за анестезиологија и реанимација, успешно го помина практичниот полуфинален дел од натпреварувањето и се пласираше во финалето. Покрај успешниот натпреварувачки настап, единствено Македонскиот тим го освои и посебното признание „Main Character Award“, кое директно го додели ректорот на Central Asian University.

Оваа награда носи посебна симболика, бидејќи претставуваше признание за тимот кој со својата упорност, енергија, присуство, тимски дух и впечаток оставен во текот на олимпијадата ги освоил симпатиите на организаторите и учесниците. За нас ова признание има особена вредност, бидејќи покажува дека покрај знаењето и натпреварувачкиот успех, успеавме да оставиме и човечки белег и да ја претставиме нашата земја на начин на кој сите можеме да бидеме горди.

Македонскиот тим го сочинуваа:

Ана Ќупева – лидер на тимот;
Асст. Д-р Филип Наумовски – ментор / супервизор на тимот
Филип Калаџиски;
Петар Маџовски;
Ненад Смилески;
Зоран Трајкоски.

Овој успех е резултат на посветена подготовка, тимска работа и поддршка од академската заедница. Особена благодарност упатуваме до деканот на Медицинскиот факултет – Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и до продеканскиот тим: проф. д-р Јулија Живадиновиќ Богдановска, продеканка за настава, проф. д-р Марија Вавлукис, продеканка за наука, проф. д-р Симон Трпевски, продекан за специјализации и супспецијализации, и проф. д-р Рубенс Јовановиќ, продекан за меѓународна соработка. Нивната поддршка и заложба беа значајни за реализацијата на учеството на македонскиот тим и за овозможувањето на студентите да го претставуваат својот факултет на оваа меѓународна сцена.

Во соопштението се изразува благодарност до ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, за поддршката на студентските иницијативи и меѓународното претставување на Универзитетот.

Посебно место во подготовката на тимот имаше и проф. д-р Игор Алулоски од Катедрата за гинекологија и акушерство при Медицинскиот факултет – Скопје, кој се вклучи во стручната подготовка на студентите и придонесе со своето знаење и искуство. Неговата поддршка беше уште еден значаен дел од подготовките за настапот на олимпијадата.

Менторската улога и координацијата на тимот ги имаше асист. д-р Филип Наумовски, чија посветеност и поддршка беа од особено значење во текот на подготовките и самото учество.

Овој резултат има значење многу поголемо од освоената награда. Во конкуренција на тимови од десетици земји, македонските студенти имаа можност да го претстават своето знаење, подготвеност и практични способности пред меѓународна академска заедница. Преку нивниот настап, за Медицинскиот факултет – Скопје, УКИМ и Република Северна Македонија се слушна и надвор од европските граници, на меѓународен настан одржан во Ташкент, во срцето на Централна Азија.

За студентите, олимпијадата претставуваше можност да ги применат стекнатите знаења во практични и симулирани клинички сценарија, да ги проверат своите способности во меѓународна конкуренција и да воспостават контакти со идни медицински професионалци од различни земји. За Македонија, ова беше можност да биде претставена преку знаењето, амбицијата и потенцијалот на своите млади луѓе.

Особено значајно е што македонскиот тим не само што успешно се натпреваруваше со студенти од различни образовни системи, туку остави впечаток и надвор од самите натпреварувачки резултати. „Main Character Award“ за нас е признание дека со ентузијазам, тимски дух и автентично претставување можеме да привлечеме внимание и да оставиме позитивен белег на меѓународната сцена, информираат од Факултетско студентско собрание при Медицински факултет при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.


Извор/фото Факултетско студентско собрание при Медицински факултет при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.

Повеќе од истиот автор

Најчитано