МАКЕДОНСКАТА РАЗВОЈНА БАНКА ПРЕЗЕНТИРАШЕ НОВА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА Е-ОСИГУРУВАЊЕ

Во просторииите на Развојна Банка на Северна Македонија денеска беше презентирана новата онлајн платформа за кредитно осигурување E-INSURANCE (E-Осигурување), со која корисниците односно македонските компании ќе можат побрзо и побезбедно да аплицираат за осигурување на извозот, да управуваат со ризици со поголема контрола и да ја оптимизираат ликвидноста и пристапот до финансирање. Дигитализацијата на процесот за аплицирање за овој продукт претставува продолжување на активноста на Развојната Банка, која го започна во 2005 година, која се однесуваше на осигурување на побарувањата од комерцијалните ризици, беше речено на денешната презентација пред претставници од компаниите кои беа вклучени во реализација на овој проект.

– Развојната Банка е единствена банка во Македонија, која го нуди овој продукт. Искуството покажува дека тој е препознаен од домашните компании, како инструмент кој надминува одредени проблеми и  остварува позитивни ефекти во нивото работење. Осигурувањето на побарувањата овозможува освојување на нови пазари на кои се присутни ризиците од наплата на побарувањата, што влијае и на ликвидноста на домашните компании, изјави Ефимија Димовска, главен извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија.  

Во своето излагање, Димовска посочи дека во изминатите години преку Банката соработувале  над 800 компании  со над 6.000 купувачи во вкупна реализирана вредност од 1,4 милијарди евра.

-Обемот на работењето со осигурување на побарувањата континуирано се зголемуваше.    Имаме нагорен тренд на апликациии за овој продукт и затоа се наметна потребата од промените на начинот на работа  за оваа услуга, за да биде поефикасен и побрз начин да стигне до нашите клиенти. Во Развојната Банка посветуваме целосно внимание на  современите  трендови на дигитализација на процесите. Изразувам  благодарност до Швајцарската влада и Швајцарската програма за зголемување на пазарна вработливост – ИМЕ, за поддршката во создавањето на дигиталната платформа  за унапредување на процесот за аплицирање и обработка на податоците  и олеснување на компанните да пристапат до оваа услуга  на едноставен начин како да аплицираат и за подобрување на продуктивноста и намалување на оперативните ризици на компаниите, изјави Димовска.

Како што напомна, заменик шефот на мисијата на Швајцарија во Република Северна Македонија, Михал Харари,  Швајцарската Амбасада ја потврдува својата заложба за пооддршката  на иницијативите што овозможуваат побрз развој на бизнисите на малите и средни претпријатија во земјава.

– Ова дигитално решение ги подготвува компаниите да се натпреваруваат поефикасно, да иновираат и да напредуваат на домашните и на меѓународните пазари. Целта е да се поддржат МСП и оваа алатка да биде одржлива на долг рок, изјави Харари.

Директорот на секторот за кредитно осигурување и факторинг на Развојната Банка,  Дарко Стефановски, изрази очекување дека повеќе компании ќе ја користат новата дигитализирана платформа. Воедно искажа и задоволство за довербата и разбирањето на сите учесници во реализацијата на веб-платформата, во чија реализација учествуваше и ASEE (Asseco SEE).

– Изминатaтa година клиентите аплицирале  за повеќе од 600 купувачи со над 86.000 фактури од нив 65 отсто се однесуваат за извозни побарувања со вредност од над 160 милиони евра. Извозот е остварен во над 38 земји. Бројот на земји во кои е извршен извозот расте.  Во реализираниот извоз имаме и нови земји, вели Стефановски.

Швајцарската програма ИМЕ започна успешна соработка со Развојната Банка во 2021 година  преку анализата на потребите на компаниите  за дигитализација, врз основа на која Банката дизајнираше и лансираше револвинг кредитна линија од 2 милиони евра за поддршка на дигитализацијата и дигиталната  трансформација на малите и средни претпријатија и компаниите со средна капитализација.


Автор Митко Јовановски

Фото Економија и Бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано