Францускиот климатолог Кристоф Касу денес предупреди дека прагот од 50 степени би можел да се достигне во Европа во наредниот период, наведувајќи дека повеќе не е прашање дали такво сценарио е можно, туку кога ќе се случи.
Касу, директор за истражување во францускиот Национален центар за научни истражувања (CNRS), изјави за телевизијата BFM дека ризикот од уште еден топлотен бран ова лето е висок и дека екстремната топлина ќе стане поинтензивна.
„Овие топлотни бранови ќе станат помоќни, а многу високите температурни прагови ќе бидат надминати“, рече Касу.
Според него, достигнувањето на температура од 50 степени би можело да се случи веќе во август.
„Веќе не е прашање „дали е можно“, туку „кога“. Може да биде оваа година, за две години или за 10 години“, рече францускиот климатолог.
Тој истакна дека, во услови на сè поизразени последици од климатските промени и јавни дискусии за топлотните бранови, клучно е општеството да се подготви за вакви екстремни временски настани.
Топлотниот бран што ја зафати Западна и Централна Европа донесе екстремно високи температури, а беше предизвикан од пенетрација на топол воздух од Сахара.
Шпанија беше најтешко погодена, со повеќе од 200 можни смртни случаи поврзани со топлината, додека неколку европски земји соборија температурни рекорди за јуни.
Германија ќе се соочи со врвот на топлотниот бран, со прогнози за температури што ќе достигнат 39 степени, додека некои делови од земјата би можеле да достигнат над 41 степен во текот на викендот.
Поради опасноста од екстремна топлина, Италија прогласи црвен аларм во 17 градови, а метеоролозите предвидуваат понатамошно зголемување на температурите под влијание на африканскиот антициклон.
Екстремната топлина ја погоди и Холандија, каде што беше соборен температурниот рекорд за 24 јуни, додека делови од Велика Британија беа погодени од комбинација од високи температури, тропски ноќи и силни бури.
Метеоролозите предупредуваат дека во некои делови од Европа, температурите би можеле да надминат 40 степени, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








