КУМАНОВЦИ МОЖАТ ДА КОНКУРИРААТ ЗА ГРАНТ ОД 55.000 ДЕНАРИ, продолжен рокот за субвенции за приклучок на природен гас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжи рокот за аплицирање за финансиска поддршка за снабдување на домаќинствата со природен гас до 31 октомври 2026 година, информираа од Општина Куманово.

Со мерката, како што појаснуваат, се обезбедува финансиска поддршка до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци, за куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас или за набавка на гасен котел.

Средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до нивното исцрпување. Од општината ги повикаа кумановци навремено да ги поднесат своите барања согласно условите од јавниот оглас, со оглед на фактот што во градот има значителна изградена гасификациска мрежа.

Дополнителни информации се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.( https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-nadomestuvanje-na-del-od-trosocite-za-izvedba-na-priklucok-na-sistemot-za-distribucija-na-gas-vo-rsm-ili-za-nabavka-na-kotel-na-gas-na-izvrsen-priklucok-na-sistemot-za-distribucija-na-gas-oktomvri).

Директорот на ЈП „Куманово-гас“, Марко Митровски, вели дека граѓаните можат да искористат две субвенции – од Општина Куманово и од Министерството, со што значително се намалува цената на приклучокот.

-Во моментов цената на приклучокот изнесува 1.250 евра или околу 77.000 денари. Општина Куманово обезбедува субвенција од 25.000 денари, а Министерството, дополнителни 30.000 денари. Тоа значи дека граѓаните можат да добијат вкупно 55.000 денари финансиска поддршка, со што нивното учество при приклучувањето се намалува на околу 22.000 денари-, изјави Миутровски, повикувајќи ги заинтересираните лица да аплицираат и да ја искористат оваа можност.

Тој посочи дека физичките лица кои веќе имаат изведено приклучок на природен гас можат да аплицираат за државната субвенција за набавка на гасен котел, во износ до 30.000 денари. Митровски информира дека ЈП „Куманово-гас“ овозможува и плаќање на приклучокот на рати, до 12 месечни рати без дополнителни трошоци.

-Сметаме дека ова е одлична можност што граѓаните треба да ја искористат. Со зголемување на бројот на приклучоци продолжуваме да ја развиваме гасификацијата на Куманово, која е една од најважните мерки за намалување на аерозагадувањето- рече Митровски.

Тој потсети дека природниот гас е значително почист енергенс во споредба со цврстите горива, бидејќи при согорување не создава пепел и чад, не ослободува сулфурни соединенија, а производ на согорувањето е главно водена пареа, што има помало влијание врз животната средина и здравјето на луѓето. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано