Бројот на контролите на издавањето боледувања во 2025 година во однос на 2024 година е речиси двојно зголемен. Продолжуваме понатаму со контролите кои истовремено се потврда каде има недостатоци во системот. Сега имаме големо барање од Министерството за одбрана за контроли, истакна денеска генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Посочи дека имаат работна група за измени на правилникот за боледувања, прават анализа каде се пропустите, што може да подобрат и тоа сакаат да го направат во консултации со матичните лекари кои се одговорни за управување со боледувањата, со синдикатите и работодавачите и здруженијата на пациенти.
Целта на промените во боледувањата, појасни, нема да биде скратување на оправданите барања, туку спречување на злоупотребите за да го оставиме слободен просторот за тие кои навистина имаат потреба од нив.
– Неминовна е дигитализација на процесот заради ефикасност и поголема транспарентност на работите. Ги согледуваме искуствата во Словенија, Србија и други референтни земји и сметам дека заедно со Министерството за здравство ќе дадеме еден предлог за подобрување, нагласи Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали породилното може да се зголеми на една година, рече дека дел од анализите се и појавувањето на чести дијагнози како закана од абортус, патолошка бременост или нега на член на семејството.
– Се обидуваме низ анализата да видиме колку се тие боледувања пред породилното и после него поврзани со истиот процес на бременост и имање дете. Во зависност од тоа можеме да видиме како можеме да го подобриме механизмот, бидејќи ако имаме чести пред и потоа боледувања би требало да мислиме на промени во системот на породилно боледување. Мораме да ги видиме и финансиските анализи, додаде Клековски.
Извор/фото МИА








