Кавадарци ќе добие два нови спортски објекти од вториот повик на Владата, во работна посета денеска беа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.
Претседателот на Владата, присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на нов објект во рамки на Спортски центар „Јасмин“, а изврши и увид на градежни активности на проектот за изградба на новата картинг – патека во месноста Моклиште во општина Кавадарци.
На првата локација, премиерот беше запознат дека оваа доградба ќе прерасне во нов, модерен спортски објект во рамките на Спортскиот центар. На површина од 1.000 квадратни метри во основа, со подрум, приземје и кат ќе има куглана, бифе, сала за гимнастика, како и апартмани за сместување на спортисти на горниот кат.
Беше кажано дека проектот е со финансиска конструкција од 118.000.000 денари, целосно преку Влада – втор повик и претставува голем чекор напред за спортот и развојот на општината.
На втората локација, во тек се подготовките на просторот за изградба на новата картинг – патека во месноста Моклиште.
– Кавадарци добива модерен картинг центар наменет за рекреативни возачи, љубители на автомобилизам и организирање на помали натпревари и спортски настани. Комплексот ќе се простира на површина од 2.700 квадратни метри и покрај современата картинг-патека, ќе содржи и пропратни објекти што ќе овозможат комплетно спортско и рекреативно доживување за посетителите – беше кажано во рамките на настанот.
Со овој проект, како што беше истакнато, градот ќе добие нова спортско-рекреативна содржина што досега недостасуваше во регионот – место за адреналин, дружење и развој на мото-спортот. Инвестицијата е во висина од 35 247 407 денари.
Премиерот Мицкоски во изјавата за медиуми нагласи дека успешноста се мери со економските параметри.
– Да се заблагодарам на градоначалникот за посветената работа, на советниците од Советот коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата во Општина Кавадарци. Се разбира, тука се и пратениците коишто доаѓаат од општина Кавадарци, коишто се борат за проект повеќе да обезбедиме токму овде за жителите во општина Кавадарци, за нивната посветена тимска работа – рече премиерот.
Бидејќи само така, како што истакна, може да се реализира проект повеќе и да се направи нешто за за граѓаните што претставува главна цел за политичарите.
– Да се заблагодарам на министерот за спорт, на колегите од Владата, коишто посветено работиме да оној проект којшто го почнавме пред нешто повеќе од две години кога бевме избрани како Влада, а тоа е реалокација на средства од централниот буџет кон општините, биде вака успешен како што е денес – подвлече Мицкоски.
Тој рече дека станува збор за повеќе од 1.200 проекти, над 1.200 градилишта на целата територија на државата.
– Ние планираме да продолжиме и во годините коишто следат на овој начин да функционираме како Влада, бидејќи цениме дека успешните проекти треба да бидат продолжени, а ние препознавме дека овие проекти донесоа додадена вредност врз квалитетот на животот на граѓаните. Нека е со среќа почетокот на изградбата на овој објект и отприлика, како што ми кажа градоначалникот, за година дена да се собереме повторно овде и да го пуштиме во употреба – порача Мицкоски.
Министерот за спорт Ристовски рече дека станува збор за два спортски инфраструктурни проекти што се доста важни за подобрувањето на спортската инфраструктура. Тој упати благодарност до премиерот и до Владата, за сè она што се прави за спортот во државата и му честиташе на градоначалникот за брза реализација на проектите.
– Ние денеска почнуваме со градби, за Македонија утре да може да создава шампиони на коишто сите ќе се радуваме, ќе нè направат горди и на крајот на денот, ќе се претворат во успешни луѓе коишто ќе ја претставуваат, ќе си ја сакаат својата татковина – нагласи Ристовски.
Градоначалникот Митко Јанчев се заблагодари на максималната поддршка од Владата и на министерот за спорт, бидејќи преку ова ресорно министерство се и двата проекти.
Јанчев се осврна и на проектите што се отпочнати и на оние што допрва следуваат, а се од огормна важност за регионот и за општина Кавадарци. Реконструкција на отворен базен, изградба на објект за биохрана, затворен базен и спа-центар. Градоначалникот ги спомена и првата фаза на гасификација, домот за стари лица, дневен центар за лица со телесна и ментална попреченост.








