Министерството за образование и наука е во активни преговори со студентите со цел воведување нов систем за правилно и посоодветно користење на субвенцијата за здрав студентски оброк, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање, во рамки на денешната панел-дискусија „Извештајот на Европската Комисија за 2026 – напредок и реформи“ во Владата, појасни дека разговорите се водат бидејќи извештаите во соработка со странски партнери покажуваат дека средствата за оброкот не се целосно искористени во правец на здрава исхрана на студентите.
– Ние во моментов разговараме со студентите. Во 2023 е зголемен студентскиот оброк, и кога 2025 – бидејќи во 2024 доаѓа да управува со државата оваа власт, ние ги почнуваме разговорите со студентите и бараме решенија за 2025. Сме постигнале заедничко решение и согласност и сме го прошириле опсегот на нивното барање. До моментот до овие најави во сила бил тој договор. Оттука сега почнавме преговори со студентите, она што мислам дека е најзначајно е ние да се усогласиме, а длабоко сум убедена дека како и претходниот пат, така и овојпат ќе најдеме соодветно решение – изјави Јаневска.
Јаневска, исто така, потсети дека и премиерот Христијан Мицкоски лично се заинтересирал и имале средба со студентите.
– Ги чекаме нивните одговори и продолжуваме со цел да го смениме системот за правилно користење на субвенцијата, за користење на субвенцијата на здрав студентски оброк, бидејќи одредени извештаи кои ги имаме и во соработка со странски партнери потврдуваат дека наменетата субвенција за оброкот не е целосно спроведена, односно дека дел од студентите не го користат тоа правилно во правец на нивна здрава исхрана – изјави Јаневска.
Иницијативата за промени Јаневска рече дека потекнува и од студентските здруженија и претставници кои побарале решенија слични на системот што се применува во Словенија.
– Да, ние ќе се обидеме во најдобри можни услови, оти не сме Словенија, да го направиме тоа така како да им соодветствува и почнуваме со подготовки за да го воведеме тој нов систем кој е на нивно барање. Но и ние сметаме дека ќе биде добар за посоодветно искористување на средствата – изјави Јаневска.
Извор/фото МИА








