Канада и САД постигнаа договор за отворање на Меѓународниот мост Горди Хау на 27 јули, потврди канадската влада во петокот. Мостот, кој ќе ги зајакне синџирите на снабдување во Северна Америка и ќе го подобри протокот на стоки, доби и поддршка од американската администрација, објавуваат странските медиуми.
Како дел од договорот, Канада и САД се согласија за мерки за управување со патарините. Ова вклучува воспоставување на 15-годишен фонд за економски развој кој делумно ќе се финансира од профитот од работењето на мостот, се вели во соопштението.
Управата за мост Виндзор-Детроит, исто така, ќе соработува со САД за прилагодување на цените на патарините и ќе бара одобрение за одредени промени во патарините кои не се поврзани со пазарните услови.
„По години планирање, партнерство и изградба, Меѓународниот мост Горди Хау е пред отворање. Тој ќе обезбеди нова врска за регионот, а воедно ќе зајакне еден од најважните трговски коридори во светот“, рече Грегор Робертсон, канадски министер за домување и инфраструктура. „Овој национален проект е доказ за тоа што Канада може да постигне кога ќе се обединиме околу заедничка визија.“
Гувернерката на американската држава Мичиген, Гречен Витмер, го поздрави договорот. „Илјадници работници од Мичиген го изградија овој клучен мост, кој ќе го забрза производството на автомобили, ќе ги намали трошоците, ќе го олесни сообраќајот и ќе го зајакне земјоделството. Ќе обезбеди подобро платени работни места и посветла иднина за луѓето од двете страни на границата“, рече таа.
„Овој мост е доказ за трајното партнерство меѓу Мичиген и Канада и што можеме да постигнеме кога размислуваме на големо и инвестираме во нашата заедничка иднина.“
Објавата беше поздравена и од американскиот претседател Доналд Трамп. „Обезбедив МНОГУ ПОДОБАР ДОГОВОР за Америка што ќе овозможи новиот и спектакуларен меѓународен мост Горди Хау, кој ги поврзува Детроит и Виндзор, Онтарио, да се отвори на 27 јули како што е планирано“, напиша тој на својата социјална мрежа.
Меѓународниот мост Горди Хау е клучен премин што ги поврзува Виндзор, Онтарио и Детроит, Мичиген, дизајниран да го подобри прекуграничното патување и товарниот сообраќај.
Канадското министерство во соопштението наведува дека стока во вредност од стотици милиони долари поминува низ коридорот Виндзор-Детроит секој ден, што го прави најпрометниот меѓународен копнен граничен премин во Северна Америка. Според Договорот за транзиција меѓу Канада и Мичиген од 2012 година, Канада целосно ги финансираше трошоците за изградба. За возврат, Отава ќе собира приходи од патарина сè додека не ја врати својата инвестиција, по што Мичиген ќе има право на 50 проценти од нето добивката.
Фото Економија и бизнис








