Силниот урагански ветар однесе дел од кровната конструкција на штипската Клиничка болница. Поради паднатиот лим од кровната конструкција дел од пациентите од одделението за ортопедија се преместени на другите одделенија во болницата. Билјана Ефтимова заменик директор на Клиничка болница-Штип вели дека одделенијата ортопедија и единицата за интензивна нега сега функционираат со намален интензитет.
-Пациентите се сместени во делот каде што е суво, каде што нема протекување. Значи, во текот на ноќта ќе видиме, ќе ги префрлиме дел од пациентите на други одделенија со цел да бидат заштитени, да не настанат некои накнадни дождови со кои би се пореметило функционирањето. Некаде околу 15 до 20 пациенти се, бидејќи тоа не е целиот дел од ортопедското одделение и операционата сала на ортопедија. Но, бидејќи имаме и други операциони сали, ќе се адаптира, ќе се прилагодиме за да ги пружиме навреме нашите медицински услуги за населението овде-изјави Ефтимова.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов информираше и дека невремето со дожд и силен ветар направи штети и на други институции и домовите на граѓаните. Некои од улиците немаат струја.
-На терен работат сите екипи на јавните претпријатија „Стипион“, „Исар“, Територијалната противпожарна единица. Во комуникација со СВР Штип се расчистуваат сите сообраќајници. Од она кое што можевме да го добиеме како повратна информација на самиот кризен штаб, морам да констатирам дека е предизвикана материјална штета на приватни имоти, на институцииИмаме доста случаи евидентирано во повеќе населби на паднати дрвја, гранки, кровни конструкции, оштетени возила.Сето она кое што и во моментов го работат екипите како комисија од страна на Општина Штип која ќе ги евидентира сите настанати штети, оваа прилика ја користам да ги повикам сите граѓани да пријават одредена промена промена која е настаната поради невремето или оштетување на нивниот приватен имот, за да имаме точни податоци за состојбата на територија на Општина Штип-изјави Јорданов.
Дождот и силниот ветар кој носеше се пред себе направи штети и во општините Свети Николе и Пробиштип. Поржарникарите од ТППЕ-Свети Николе информираат дека имале неколку интервенции за време на невремето.
-По силното невреме кое го зафати Свети Николе и Овчеполието во 17.46 часот интервенирано е со едно противпожарно возило на запалена трева и ниска вегетација во село Црнилиште, Свети Николе, а со три противпожарни возила на запалена трева, ниска вегетација во селата Сарамзалино и Аџиматово при што беше зафатена и дел од стреа на куќа-соопштуваат од ТППЕ-Свети Николе.
Пожарникарите во 19 часот со четири противпожарни возила интервенирале и на патниот правец Свети Николе – Овче Поле, улицата ,Сутјеска” во Свети Николе и во градскиот парк, каде што од силниот ветер биле откорнати и паднати дрвја на патот, врз куќа и на други јавни површини.
-Патниот правец Свети Николе – Овче Поле е целосно расчистен и прооден. Апел до сите возачи: Возете внимателно при користење на патниот правец Свети Николе – Овче Поле, бидејќи сè уште постои опасност од паѓање на нестабилни дрвја и гранки на коловозот-велат од ТППЕ-Свети Николе.
Апелираат до граѓаните и да не се движат во непосредна близина на објекти, дрвја, бандери и други потенцијално небезбедни конструкции, бидејќи по невремето сè уште постои опасност од нивно паѓање или оштетување.
Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски вели дека по силното невреме што вчера попладне ја зафати Општината веднаш се активирани Општинскиот кризен штаб и сите надлежни институции.
-Екипите се веќе на терен и преземаат интензивни активности за расчистување и санирање на последиците од силниот ветер и невремето, со цел што побрзо нормализирање на состојбата.Ги повикуваме сите граѓани кои имаат потреба од итна интервенција или сакаат да пријават штета и опасност да се јават на единствениот број за итни случаи 112, со цел навремена реакција на надлежните служби-вели Тоневски.
Тој порача дека екипите на општина Пробиштип, заедно со сите надлежни институции, останува на терен и ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за понатамошните активности и развојот на состојбата.
Извор/фото МИА








