Иран: Околу 30 бродови поминаа низ Ормуската Теснина во текот на ноќта

Околу 30 бродови поминаа низ Ормуската Теснина во текот на изминатата ноќ, изјави командант на Корпусот на гардата на Исламската револуција, пренесе ДПА. Иранскиот воен претставник нагласи дека транзитот и натаму е забранет за сите пловни објекти поврзани со „непријателски држави“.

Иранската новинска агенција Тасним објави дека дел од бродовите што минале низ Ормуската Теснина пловеле под кинеско знаме, но не прецизираше за колкав број станува збор. Оваа информација беше објавена на првиот ден од посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Пекинг. Прашањето за отворањето на теснината, која е од клучна важност за глобалната трговија со енергенси, е вклучено во агендата на разговорите меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Гардата ја блокираше Ормуската Теснина на 28 февруари, кратко по почетокот на американско-израелските воздушни напади врз Иран. Потоа, САД воведоа поморска блокада на иранските пристаништа со цел да ги ограничат приходите на Техеран од извозот на нафта. Иранските власти повеќепати тврдеа дека теснината не е затворена, но дека бродските компании мора да го координираат минувањето со нив и да плаќаат надоместок. Според меѓународните правни експерти, ваквото барање за наплата на такса е во директна спротивност со меѓународното право.

Повеќе од истиот автор

Најчитано