Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 4 денари по литар, а цената на дизелот се намалува за 8 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа кај бензините во просек за 6,186 отсто, кај дизелот за 10,435, кај екстра лесното масло за 8,138 и кај мазутот за 7,151 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,0313 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 87 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 89, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 91,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 6 денари за литар и ќе изнесува 92,5 денари. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, пак, се намалува за 2,881 денари за килограм ќе изнесува 43,538 денари.
Фото Економија и бизнис








