Приносите на државните обврзници на најголемите светски пазари во последните денови достигнаа повеќегодишни, а во некои земји и повеќедецениски максимуми, бидејќи инвеститорите проценуваат дека каматните стапки во водечките економии би можеле да останат повисоки подолг период од претходно очекуваното.
Приносот на референтните 10-годишни американски државни обврзници достигна највисоко ниво од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа на почетокот на минатата година, додека приносот на 30-годишните американски обврзници исто така значително порасна, објави Си-Ен-Би-Си. Распродажбата на американските државни обврзници во последните недели дополнително ја засили загриженоста околу високиот јавен долг и потребата на американската влада од ново задолжување.
Слични движења се забележани и на другите големи пазари. Приносот на 10-годишните јапонски државни обврзници надмина три проценти, првпат од 1996 година, додека приносот на германските 10-годишни обврзници достигна највисоко ниво во последните 15 години. Приносите на британските и француските долгорочни обврзници, исто така, достигнаа повеќегодишни максимуми.
Една од причините за растот на приносите е очекувањето на инвеститорите дека таканаречената неутрална каматна стапка – нивото на каматата што ниту ја поттикнува ниту ја забавува економската активност – би можела да биде повисока отколку што претходно се проценуваше. На растот на оваа стапка влијаат зголемената државна потрошувачка и задолжувањето, како и големите инвестиции на приватниот сектор, особено во инфраструктурата поврзана со вештачката интелигенција.
Повисоките приноси значат и повисоки трошоци за задолжување на државите, компаниите и домаќинствата, а тоа е особено значајно за земјите со висок јавен долг. Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека растот на приносите во развиените економии може да ги зголеми трошоците за сервисирање на долгот и во земјите во развој.
Расположението на пазарите денеска делумно се стабилизираше. Приносот на американските 10-годишни обврзници се намали на околу 4,77 проценти, додека приносот на германските 10-годишни обврзници изнесуваше околу 3,35 проценти. Истовремено, европските акции забележаа раст, а американските берзански индекси најавија нешто подобар почеток на тргувањето.
Инвеститорите сега ги очекуваат новите податоци од американскиот пазар на трудот и коментарите на претставниците на Федералните резерви, кои би можеле дополнително да влијаат врз очекувањата за идното движење на каматните стапки во САД.
извор МИА








