Францускиот претседател Емануел Макрон го прогласи законот со кој се воведува правото на асистирано умирање по години политичка и социјална дебата.
Законот беше објавен денеска во „Службен весник“ и формално стапи во сила, а неговата практична примена ќе почне дури кога владата ќе ги донесе потребните прописи, објави „Фигаро“.
Законот, што минатата недела беше прогласен за уставен од Уставниот совет со одредени резерви, им овозможува на одредени пациенти, под строго дефинирани услови, да си администрираат смртоносна супстанца во присуство на здравствен работник.
Доколку пациентот не е во можност сам да го изврши дејството поради неговата физичка состојба, здравствен работник може да го стори тоа наместо него.
Правото е наменето за возрасни лица, кои се француски државјани или долгорочни жители на Франција и кои страдаат од тешка и неизлечива болест во терминална фаза.
Законот наведува дека самото ментално страдање нема да биде доволна основа за одобрување на медицински потпомогнато завршување на животот, ниту дека лицата со тешки психијатриски нарушувања или невродегенеративни заболувања, како што е Алцхајмеровата болест, нема да имаат право на оваа постапка.
Барањето ќе го поднесе самиот пациент, а медицинскиот тим ќе биде должен да го разгледа во рок од 15 дена. По период на размислување од најмалку два дена, пациентот ќе мора да ја потврди својата одлука.
Лекарот или медицинската сестра ќе бидат должни да потврдат на денот на аплицирањето дека пациентот сè уште сака да ја спроведе својата одлука и да остане блиску до него во случај на компликации.
Сите трошоци за постапката ќе бидат покриени од францускиот систем за задолжително здравствено осигурување.
Според анкетите на јавното мислење и извештајот објавен во 2023 година, мнозинството француски граѓани ја поддржуваат легализацијата на медицински потпомогнатото завршување на животот, а поддршката за идејата расте во последните две децении.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








