Франција подготви нацрт-резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации за воспоставување меѓународна мисија за обновување на слободата на движење во Ормуската теснина и би можела да ја поднесе доколку условите бидат поволни, соопшти денеска француското Министерство за надворешни работи, додека САД се обидуваат да изнесат на гласање текст за кој Русија и Кина можат да тврдат дека е пристрасен кон Техеран.
Американско-бахреинската нацрт-резолуција за протокот се разгледува повеќе од две недели, а гласањето беше одложувано неколку пати бидејќи Кина и Русија сигнализираат дека би можеле да стават вето. Со тој нацрт се бара од Иран да ги прекине нападите и минирањето во протокот.
Кина и Русија во април веќе ставија вето на сличен текст поддржан од САД, со образложение дека е пристрасен кон Техеран. Вашингтон обезбеди поддршка од речиси 140 земји како коспонзори на својот текст во обид да го избегне ветото, наведоа европски дипломати.
Франција, како постојана членка на Советот за безбедност со право на вето, досега одбиваше да го поддржи американскиот текст.
Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Паскал Конфавро, изјави дека постои нацрт-резолуција меѓу САД и Бахреин која моментално се разгледува.
– „Таа ја претставува основата на сегашните разговори. Датумот на гласање сè уште не е објавен – истакна тој.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, претходно изјави дека Париз наскоро ќе покрене иницијатива во Обединетите нации, во рамките на француско-британските напори за воспоставување меѓународна мисија за обновување на слободата на пловидба во протокот, кога ситуацијата ќе го дозволи тоа и по консултации со Вашингтон и Техеран.
– Работиме на меѓународна мисија за обновување на слободата на пловидба. Исто така, како постојана членка, подготвивме нацрт-резолуција која би можела да биде разгледана доколку условите бидат соодветни – рече Конфавро.
извор МИА








