Франција побара итна координација од ЕУ поради хантавирусот

Поради појавата на потенцијално смртоносен хантавирус на холандски крузер кој моментално плови од Канарските Острови, Франција побара „потесна координација“ на здравствените служби на земјите од Европската Унија и Шенген зоната.

Од петте француски државјани евакуирани од бродот „ХМ Хондиус“, сместени во строга изолација во болницата Биша во Париз, четворица имале негативен тест, а една жена чиј тест бил позитивен на вирусот и чија состојба се влошила, е на интензивна нега, но е во стабилна состојба, изјави министерката за здравство Стефани Рист.

Премиерот Себастијан Лекорну напиша на социјалната мрежа X дека ги повика министрите веднаш да ја зајакнат соработката со колегите во ЕУ со цел да се прекинат сите потенцијални синџири на пренесување на вирусот.

Министерот за здравство веќе е во контакт со колегите од неколку европски земји.

Денес, по состанокот со министрите, премиерот се сретна со специјалисти за заразни болести и најави дека од денес ќе се среќава со надлежните министри двапати дневно.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно објави дека јавноста не треба да се грижи за инфекцијата на бродот, дека тоа „не е уште еден ковид“ и дека ризикот од инфекција е мал, па затоа нема потреба од страв.

Три смртни случаи и девет потврдени случаи на вирусот се пријавени на бродот „Хондиус“, кој исплови од Ушуаја, Аргентина, на 1 април, пренесува Недељник.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано