Француската влада денес го активираше, за прв пат во историјата, планот за вонредни состојби „Орсек – екстремна топлина“ во девет департмани на западот од земјата поради нов топлотен бран што се очекува да трае до следната недела.
Властите предупредија на зголемениот ризик од пожар и последиците од климатските промени.
Портпаролката на француската влада, Мод Брежон, изјави дека одлуката е донесена по консултации и подготовки од страна на надлежните служби, објави Еуроњуз.
Планот „Орсек – екстремна топлина“ е активиран во департманите Морбијан, Ил и Вилнев, Мајен, Сарт, Лоара-Атлантик, Ванде, Мен и Лоара, Виена и Де Севр, каде што е на сила црвена временска тревога поради екстремно високи температури.
Француската метеоролошка служба Метео Франс објави дека денес девет департмани на западот од земјата се под црвена временска тревога поради топлината, додека портокалова временска тревога е на сила во 72 департмани.
Планот „Орсек“ е механизам за реагирање во вонредни ситуации и обезбедување помош во случај на исклучителни настани, а досега главно се активираше за време на природни катастрофи, како што се големи поплави.
Оваа година, Франција се соочува со својот трет топлотен бран од мај, додека големи шумски пожари избувнаа во неколку делови од земјата во претходните денови.
Генералниот директор на Цивилната заштита, Жулиен Марион, изјави дека од почетокот на годината се регистрирани повеќе од 8.000 пожари, кои зафатиле повеќе од 25.000 хектари земја, што е приближно двојно повеќе од истиот период минатата година.
Според официјалните податоци, повеќе од 2.000 дополнителни смртни случаи се регистрирани за време на јунскиот топлотен бран во Франција, додека на крајот на мај, уште 300 луѓе починаа поради високите температури.
Фото Економија и бизнис








