Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) Битола, во соработка со компанијата МИКРОДЕЛ, реализираа иновативен проект за промоција со примена на холограмска технологија.
Станува збор за современ и атрактивен пристап на презентација што претставува една од првите имплементации на холограмска технологија за промоција на високообразовна институција во Македонија.
-Проектот е резултат на успешна соработка меѓу академската заедница и индустријата, при што дваесетината студенти кои активно учествуваа во развој на реално технолошко решение стекнаа и силно практично искуство. Од нивна перспектива, проектот овозможи примена на стекнатото знаење во реални услови и развој на нови вештини преку работа со професори и инженери од МИКРОДЕЛ. Проектот е пример за успешно поврзување на науката, образованието и стопанството, како и потврда за технолошкиот потенцијал на универзитетот, истакна ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.
Според професорот Никола Рендевски, иницијатор на проектот и деканот на ФИКТ, професор д-р Благој Ристовски, холограмската промоција претставува значаен чекор кон современа, креативна и технолошки напредна презентација на факултетот.
-Оваа иницијатива ја зголемува неговата видливост и ја приближува ИТ професијата до младите, потврдувајќи ја определбата на ФИКТ за иновативен и практично ориентиран развој. Со оваа иницијатива, ФИКТ и УКЛО ја потврдуваат својата ориентација кон иновативно и практично образование, насочено кон дигитална трансформација и современ развој на општеството, посочија професорите Рендевски и Ристовски.
Холограмската технологија во иднина ќе служи за промоција на ФИКТ и УКЛО Битола.
Фото: УКЛО Битола








