ЕВРОПСКАТА УНИЈА ПОЧНУВА ПОЕДИНЕЧНИ ПРЕГОВОРИ ЗА ЗОНА НА СЛОБОДЕН РОАМИНГ СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН  

Западниот Балкан и Европската Унија започнуваат преговори за воспоставување зона на слободен роаминг, а секоја земја во регионот ќе преговара поединечно, според својата подготвеност, изјави денес генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RCC) Амер Капетановиќ.

Тој им рече на новинарите на осмиот Дигитален самит на Западен Балкан во Херцег Нови дека почетокот на преговорите е значаен чекор кон приближување на регионот кон европскиот дигитален пазар, потсетувајќи дека претходно, по неколкугодишна работа со телекомуникациските оператори и регулатори, беше воспоставена зона на слободен роаминг во рамките на Западен Балкан.

„Тоа е навистина сериозен чекор напред, што дури може да се нарече и постепено вклучување на Западен Балкан во единствениот пазар на Европската Унија“, рече тој.

Тој истакна дека е важно обврските преземени на минатогодишниот Дигитален самит во Скопје да се претворат во конкретни резултати што ќе им го олеснат секојдневниот живот на граѓаните.

Како еден од приоритетите, тој го наведе поврзувањето на дигиталните паричници, што би овозможило поедноставна размена на податоци меѓу институциите и би ја намалило потребата граѓаните и економијата да добиваат и пренесуваат документација во хартиена форма.

„Носите документи, а сето тоа не е потребно и можно е многу подобро да се забрзаат работите, по примерот на системите што ги имаме во Европската Унија“, рече Капетановиќ.

Зборувајќи за развојот на вештачката интелигенција, тој најави подготовка на патоказ за Западен Балкан, кој би бил усогласен со стандардите на Европската Унија. Како што изјави, се очекува лидерите на Берлинскиот процес да ја поддржат таа иницијатива, што би овозможило продолжување на конкретните активности во таа област.

Капетановиќ, исто така, укажа на важноста од развојот на дигиталната инфраструктура, особено 5G мрежите и оптичките кабли, нагласувајќи дека без сигурна инфраструктура нема понатамошен развој на дигиталните услуги.

Како клучни пораки на првиот ден од самитот, тој ги издвои напредокот во преговорите за роаминг со Европската Унија, поврзувањето на дигиталните паричници, подготовката на заеднички пристап кон развојот на вештачката интелигенција и подобрувањето на дигиталната инфраструктура, пренесува Н1.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано