СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани доби современа училница за практична настава, донација од ЕВН Македонија, наменета за стекнување практични знаења и вештини за работа во електроенергетскиот сектор, која ќе ја користат учениците од сегашните и идните генерации. Училницата поседува опрема, материјали, алати и елементи за безбедност и заштита при работа, кои се користат во секојдневната работа на електромонтерите.
„Вложувањето во образованието е вложување во иднината на енергетскиот сектор. На учениците им овозможуваме директен контакт со опрема од нашата секојдневна работа и ги запознаваме со стандардите за безбедно и одговорно работење“, изјави Матиас Шаибелрајтер, Управител на Електродистрибуција.
Повеќе од една третина од учениците од електроенергетската струка, односно 19 од вкупно 54 ученици, реализираат практична обука во компанијата.
„Секој ученик има свој ментор и континуирано се следи во текот на практичната настава. Преку работата со нашите колеги, учениците се запознаваат со работната средина и културата на компанијата“, изјави г-дин Фисник Осеку, Раководител на Човечки ресурси при ЕВН Македонија.
За учениците кои покажуваат интерес за професијата, посветеност и проактивност, постои можност за идно вработување во Електродистрибуција.
-Денес вложуваме во практичното знаење. Утре создаваме професионалци кои ќе го градат енергетскиот сектор, велат од ЕВН Македонија








