ЕЦБ: ВЛОЖУВАЊАТА ОД АМЕРИКАНСКИТЕ ТЕХНОЛОШКИ КОМПАНИИ СЕ ОДРАЗУВААТ И НА ТРОШОЦИТЕ ЗА ПОЗАЈМУВАЊЕ ВО ЕВРОЗОНАТА

Американските технолошки гиганти сè повеќе го користат пазарот на еврообврзници за финансирање на масовни инвестиции во вештачка интелигенција, што би можело да ги зголеми трошоците за позајмување за други компании и влади, според анализата на блогот на Европската централна банка (ЕЦБ).

Компаниите познати како „хиперскалери“ би можеле, според проценките на аналитичарите, да инвестираат дури 1.000 милијарди долари во вештачка интелигенција до 2028 година, и затоа ќе мора да се потпираат повеќе на пазарите на обврзници низ целиот свет.

Американските технолошки гиганти моментално имаат околу 40 милијарди евра обврзници на пазарот во еврозоната, што е релативно мал дел од вкупниот пазар, но тие учествуваа со речиси 10 проценти од вкупното ново издавање корпоративни обврзници оваа година.

ЕЦБ предупредува дека голем бран на ново издавање би можел да ги истисне конкурентите, бидејќи капацитетот на инвеститорите да апсорбираат големи количини на нов долг е ограничен.

Доколку инвеститорите бараат повисоки приноси за да купат нови обврзници, трошоците за финансирање би можеле да се зголемат на целиот пазар.

Технолошките компании, според анализата, би можеле да ги зголемат трошоците за позајмување и кон други сектори, вклучувајќи ги државите и наднационалните институции, бидејќи сите тие се натпреваруваат за ист инвеститорски капитал.

Дополнителен ризик е можноста кредитните рејтинзи на големите технолошки компании да бидат превисоки.

Авторите на текстот во блогот на ЕЦБ предупредуваат дека агенциите за рејтинг делумно се потпираат на претпоставки за идниот раст на приходите и нивото на задолженост што можеби нема да се реализира, што би можело да доведе до неправилно вреднување на кредитниот ризик, пренесува Блиц.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано