ДУНАВ КАЈ БУДИМПЕШТА Е ДЛАБОК САМО 31 САНТИМЕТАР, ХОТЕЛИ БРОДОВИ ЗАГЛАВЕНИ, РОМАНИЈА ЗАТВОРА НУКЛЕАРЕН РЕАКТОР ПОРАДИ НИСКО НИВО НА ВОДА

Околу 15 хотелски бродови останаа заробени на унгарскиот дел од Дунав, додека повеќето товарни бродови престанаа да пловат поради рекордно ниско ниво на водата, објави денес унгарското Министерство за транспорт и инвестиции.

Поради ниското ниво на водата, кое влијае на сите 2.412 километри од водениот пат на Дунав, големите бродови мора да пловат со само 10 сантиметри простор помеѓу трупот на бродот и речното корито, поради што се принудени да превезуваат многу помалку товар и патници, известува MTI.

Надлежните служби редовно ја мерат состојбата на реката и издаваат предупредувања за плитко водостојување на места каде што нивото на водата е под нормалната длабочина од 270 сантиметри, додека капетаните одлучуваат врз основа на длабочината на своите бродови дали можат да продолжат да пловат.

Поради отсуството на значителни врнежи во сливовите на Дунав и Тиса, новиот топлотен бран дополнително ја влошува ситуацијата, па нивото на водата стагнира или продолжува да се намалува.

Дунав во близина на Будимпешта утрово достигна рекордно ниско ниво од 31 сантиметар, со што го сруши претходниот рекорд од 2018 година од 33 сантиметри. До 17 часот, нивото на реката дополнително се спушти на 28 сантиметри.

Одредени товарни бродови можат да пловат само со значително намален товар, со само 10 до 20 проценти од капацитетот.

Романската државна компанија „Нуклеарелектрика“ го затвори реакторот во нуклеарната централа Чернавода како превентивна мерка поради рекордно ниските нивоа на вода во Дунав, соопшти Министерството за енергетика.

Реакторот беше привремено исклучен за да се спречи евентуално оштетување на системот за ладење, кој користи вода од Дунав, соопштија од Министерството.

Нивото на водата во романската река Дунав падна на најниско ниво во последните три децении минатата недела, што ги натера властите да ја ограничат употребата на речната вода за наводнување.

„Нуклеарелектрика“ во вторник соопшти дека го затворила реакторот Чернавода во согласност со контролираните процедури што се користат во случај на екстремно ниски нивоа на вода во реката, додавајќи дека мерката има за цел да ја зачува нуклеарната безбедност и сигурност на централата.

Компанијата соопшти дека одлуката е заснована на најновите прогнози од Националниот институт за хидрологија и управување со водите на Романија, нагласувајќи дека ситуацијата на Дунав се следи внимателно.

Доколку нивото на водата се намали уште повеќе, компанијата би можела привремено да го исклучи и вториот реактор.

Според податоците од Светската асоцијација за нуклеарна енергија, нуклеарната централа Чернавода има два нуклеарни реактори базирани на канадската технологија, со моќност од 706 мегавати секој, и задоволува приближно една петтина од потрошувачката на електрична енергија во Романија.

Врвната потрошувачка на електрична енергија во Романија оваа недела се проценува на околу 7.300 мегавати, а домашното производство достигнува 4.300 мегавати, а разликата ќе се покрие со увоз, пренесува Пословни дневник.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано