Џеф Кроненвет, лауреат на Специјалната златна камера 300

 Лауреат на Специјалната златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност на годинашното 47-мо издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е кинематографот од САД, Џеф Кроненвет, соопшти директорот на фестивалот Димитрија Доксевски.

Тој истакна дека со изборот на Кроненвет се зајакнува фестивалот како центар на светската филмска уметнот.

-​Во Битола доаѓа човек кој е потврда за светски квалитет, човек којшто прави исклучително квалитетни слики во кинематографијата, човек којшто гради прецизни слики, познат по тоа дека умешно ја користи светлината, но повеќе е познат по тоа што го користи, нејзиниот одраз во сенките. ​Човек којшто во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, којшто ги изработи можеби едни од најпознатите дела во филмската историја, трилери. Човек којшто е близок соработник на еден од најголемите режисери на современиот филм, односно мајсторот на светлината и сенките, Дејвид Финчер. Би сакал да го најавам лауреат на Специјалната златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност, господинот Џеф Кроненвет, кинематограферот кој доаѓа од Америка, познат по своите филмови Fight Club, The Social Network, Gone Girl, The Girl with the Dragon Tattoo… – рече на денешната прес – конфереција директорот на Фестивалот.

Најави дека се очекува Кроненвет да биде присустен на свеченото отворање на Фестивалот на 19 септември во Битола. Тој, рече, ќе биде ценет гостин, лауреат, заедно со претходно најавениот лауреат на Фестивалот, Специјална златна камера 300 за животно дело, Дан Лаустен.

-Покрај нив оваа година ќе имаме исклучителни кинематографи и гости кои ќе учествуваат во богатата програма на ова издание, како дел од панел дискусиите и од мастеркласовите – рече Доксевски.

Селекторот на главната програма на фестивалот Слаѓан Пенев истакна дека на отворањето и затворањето ќе бидат прикажани два македонски филма, кои се дел од 12-те филмови од главната програма Камера 300.

-Филмот со кој ќе го отвориме фестивалот „Браќа Манаки“ „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума. Филмот веќе има забележителен успех на големи филмски фестивали, а ќе биде прикажан премиерно пред македонската публика. Филмот кој ќе биде прикажан на затворање, исто така, ќе биде македонски. Тоа е дебитантскиот филм на Срѓан Јанаќиевиќ „Нема да ви се верува што се случи претходно“, рече Пенев. 

Кумјана Новакова, селекторка на документарната натпреварувачка програма, рече дека таа вклучува десет филмови од 16 земји.

-Од нив, дури седум наслови се овогодишни филмови, од 2026-та година, три наслови се од 2025-та, а доаѓаат почнувајќи од регионот, од Балканот, до Блискиот Исток, Африка, Северна Америка. ​Она што е карактеристично за селекцијата е дека таа не обединува околу една единствена тема, туку напротив, се обидуваме да ја претставиме разновидноста на ликовниот израз во документарниот филм и избраните филмови всушност се движат помеѓу класичен документарен пристап, доку-фикција, хибридни форми, филмски есеи и на крај експериментални филмови, рече таа.

Додаде дека она што е формално посебна карактеристика на овогодинешната програма е поддеднаквото внимание коешто се посветува и на кратката форма, и на среднометражната форма, и на долгометражната форма.

Директорот на Фестивалот Доксевски истакна дека постојано се обидуваат да обезбедат големи имиња во кинематографијата кои во септември ќе бидат гости во Битола, ќе одржат мастеркласови, ќе бидат дел од бројни панел-дискусии, но и дел од жиријата.

-​Она што сакам денеска да го споделам, тоа е дека поранешниот лауреат, големиот кинематографер Јануш Камински, којшто ја доби наградата за животно дело во 2020 година, но за жал никогаш немаше прилика да дојде и да присуствува во живо на фестивалот, оваа година ќе биде наш ценет гостин на 47-тото издание. Тој ќе присуствува на свеченото отворање на фестивалот и исто така ќе биде дел од програмата на којашто ќе се претстави со негов авторски мастерклас – рече тој.

Гостин ќе биде и легендарниот европски кинематографер Тимо Салминен, кој оваа година исто така ќе дојде на свеченото отворање, а бил долгогодишен кинематографер на познатиот режисер Аки Каурисмаки. ​

Според Доксевски, доаѓа и Давид Чамбил, врвен кинематографер, добитник на Златна камера 300 на минатогодишното издание, годинава доаѓа во својство на жири во официјалната програма. ​

Марија Апчевска селектор на краткометражната програма истакна дека таа нуди 15 филмови и, како што насочи, продолжува една важна традиција на „Браќа Манаки“ да открива нови кинематографери, но и да ги следи авторите коишто повторно се враќаат на фестивалот со нови филмови.

Во рамки на студентската програма ќе бидат прикажани 14 филмови од регионот, Европа, Индија и Куба.

На претходната прес-конференција беше соопштен лауреатот на наградата Златна камера 300 – визуелниот гениј на Холивуд, Дан Лаустсен (Dan Laustsen). 

Четириесет и седмото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола. 


извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано