Делчево одбележува 150 години од Разловечкото востание

Во Делчево денеска започнува централната програма по повод одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание, која се реализира под мотото „150 години Разловечко востание: Искра за вечна слобода на македонскиот народ“.

Настаните стартуваат во 14 часот на летната сцена со Локален базар, на кој на десетина штандови ќе бидат претставени рачни изработки и индивидуални производи препознатливи за делчевскиот регион.

-Во 17:00 часот во салата на Спомен-домот АСНОМ ќе се одржи промоција на поштенската марка издадена од „Македонски пошти“ по повод големиот јубилеј, по што ќе следи научна трибина на која свои трудови ќе презентираат проф. д-р Ванчо Георгиев од Филозофскиот факултет, д-р Мирјана Нинчовска од Музејот на Македонија, проф. д-р Никола Минов и пензионираниот професор по историја Митко Антовски, информираа од Општина Делчево.

Вечерната програма започнува во 20 часот на летната сцена во Делчево.

-Со егзерцир на Гардата ќе стартува централната прослава. Во рамките на музичкиот дел концерт ќе одржат Воениот оркестар и националниот ансамбл „Танец“, додадоа од Општина Делчево.

Централната државна прослава по повод 150 години од Разловечкото востание ќе се одржи на 19 мај во Разловци, со почеток во 11 часот, каде се очекува присуство на високи државни претставници, институции, уметници и гости.

Организаторите најавуваат дека посетителите ќе имаат можност да бидат дел од свеченост која го спојува историското значење на Разловци со современата културна и национална меморија. 


Фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано