Цените на туристичките пакет аранжмани во Европската Унија во август 2026 година беа за 3,2 проценти повисоки отколку во истиот месец минатата година, што одговара на вкупната стапка на инфлација во ЕУ, додека цените на патничкиот воздушен превоз се намалија за 0,4 проценти, објави Евростат.
Цените на воздушниот превоз и пакет аранжманите значително флуктуираа од почетокот на 2025 година, при што авионските билети бележат поголеми промени.
Цените на воздушниот превоз во април 2025 година се зголемија за 13,7 проценти на годишна основа, а веќе во мај паднаа за 3,2 проценти.
Осцилациите продолжија и оваа година, по пад од 2,9 проценти на почетокот на годината, цените во април беа пониски за 4,7 проценти, а во мај се зголемија за 8,1 процент во споредба со истиот месец во 2025 година.
Во јануари и февруари 2025 година, цените на туристичките пакет аранжмани беа за 8,3 и осум проценти повисоки од претходната година. После тоа, годишниот раст постепено се забави, со уште еден скок од 7,7 проценти во април. Во април годинава, цените на пакет-аранжманите беа намалени за 0,5 проценти, по што повторно почнаа да растат.
Меѓу членките на ЕУ, цените на авионските билети во август најмногу пораснаа во Грција, за 16,3 проценти, и во Ирска, за 14,4 проценти во споредба со август 2025 година.
Цените на летовите паднаа во десет земји-членки, а најголем пад е забележан во Словачка, дури 61,2 проценти. Во другите земји каде што е забележано намалување на цените, падот се движеше од 15,8 проценти во Шпанија до 0,9 проценти во Литванија.
Кога станува збор за туристички пакет-аранжмани, најголем пораст на цените е забележан во Белгија, 16,2 проценти. По нив следуваат Португалија со 14,3 проценти, Шведска со 12,8, Литванија со 12,3 и Романија со 11,9 проценти.
Цените на пакет-аранжманите беа намалени во четири земји од ЕУ – Естонија за 21,1 процент, Шпанија за 5,2 проценти, Италија за 4,8 проценти и Ирска за 0,4 проценти, пренесува Бизнис.ба.
Фото Економија и бизнис







