Целокупната трговија која транзитира низ Македонија од први јуни се одвива преку Новиот компјутеризиран транзитен систем Фаза 6, со што нашата држава целосно се усогласува со стандардите што се применуваат во Царинската унија на ЕУ. Воведувањето на НКТС Фаза 6 е дел од нашите обврски предвидени со Планот за раст, со што Царинската управа јасно ја потврдува својата посветеност на забрзаната интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
Со овој чекор, македонскиот царински транзитен систем е целосно усогласен со системите што ги применуваат 80 проценти од земјите членки на Конвенцијата за заеднички транзит, вклучувајќи ги Германија и Грција, а во следниот период ќе работи и на дополнителна надградба на системот. Со тоа нашата држава ќе се вброи меѓу земјите кои ќе воведат систем којшто овозможува поднесување на една единствена транзитна декларација, заедно со безбедносните најави.
Ваквиот начин на воведување на системот овозможува олеснување на трговијата и стабилност на трговските текови, без поголеми ризици за застои на граничните премини.
„Имплементацијата на овој систем претставува клучен исчекор во модернизацијата на царинското работење, кој преку олеснување на трговијата и воведување на безбедносни проверки пред пристигнување на стоката на граница, носи директни придобивки за бизнис заедницата и за економскиот раст на државата“, истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Царинската управа продолжува со засилена имплементација на Реформската Агенда и Планот за раст.
„Европа не се освојува со зборови туку со реформи и резултати. Ние реформите ги спроведуваме, а резултатите се видливи и лесно мерливи“, вели Николовски.








