Има четири потврдени случаи на морбили во државата, од кои еден е странски и три македонски државјани од Велес – Штип и Скопје. Од домашните случаи две се бебиња под 12 месеци и еден е на возраст над 40 години. Во сите три случаи станува збор за невакцинирани лица. Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината – изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, посочи тој, ги завршуваат епидемиолошките анализи за евентуалната поврзаност и можност за поврзаност меѓу случаите и многу набргу ќе го објавиме тоа дали има поврзаност меѓу тие случаи или не. Потенцира дека услови за прогласување на епидемија во моментот нема.
– Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и на Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Во однос на граѓаните, вакцинирајте се, проверете дали имате две дози вакцина или дали сте ја прележале болеста. Ова особено апелирам до здравствените работници да го направат бидејќи тие се во контакт и се најризични. Во однос на граѓаните, доколку имате температура и осип, не одите на доктор, јавете му се на докторот. Сипаниците се високозаразни и секое одење во чекалница го зголемува ризикот од проширување на сипаниците. Главна контакт-точка за сипаниците во основа се чекалниците во здравствените установи. Вирусот е активен околу два часа во воздухот и тоа е релативно широка зона на ризик и мислам дека треба да бидеме максимално претпазливи во однос на тоа – рече Клековски.
Во однос на институциите, појасни, Институтот за јавно здравје веќе претходно има изготвено протоколи за здравствените установи, значи побаравме сите здравствени работници да си ги проверат картончињата за вакцинации, дали се вакцинирани и не се, дали имате прележано или не.
– Се работи на издадено упатство на градинките и училиштата, кое е дистрибуирано преку соодветните министерства, и издадени се протоколи за граничните премини. Пред да патувате за Косово и за Бугарија проверете си ги повторно каква е вашата состојба бидејќи во тие две земји има прогласено епидемија. Ние сме во комуникација со странската земја од која е странскиот државјанин да размениме информации – Косово. Тројцата македонски државјани не патувале во странство и затоа ги испитуваат можностите за поврзаност дома во Македонија. Едното бебе беше хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, отпуштено е на домашна нега, значи се во добра состојба. Издадовме наредба на Клиниката за детски болести да се подготвува за прифат на вакви случаи, затоа што Инфективната клиника не е оспособена за третман на бебиња – истакна Клековски и додаде дека Комисијата за заразни болести веќе заседава.
Едно од препораките, посочи министерт, е да се обратам до јавноста и ова го користам како прва можност за обраќање до јавноста.
– Значи, имаме четири случаи, од кои три домашни, се испитува нивната врска, таа ќе биде објавена, имаме препораки и за граѓаните и за институциите, без оглед дали се здравствени или образовни, и сега е на нас да направиме сè овие три случаи да не станат повеќе. Сите треба да бидеме со зголемена претпазливост, и градинките и училиштата. Апелирам и до родителите, кои не треба да ги носат децата во чекалница во здравствена установа, и ако се појави зголемена температура, црвенило на очите, осип, да не ги носат и во градинките. Има доволно вакцини, имаме 14.000 вакцини резерва, кои во моментот се достапни. Имаме можност за зголемување на бројот на количините. Минатиот пат кога се прогласија епидемии, се употребени речиси 50.000 вакцини, генерално затоа што има големо заостанување од претходните генерации поради недоволниот отпор на вакцинацијата – додаде Клековски одговарајќи на новинарско прашање пред панел-дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“.
Фото Економија и бизнис








