Божиновска: Ако ескалира ситуацијата со цената на горивата,  Влада имаме во вторник, ќе видиме како понатаму

Ако ескалира ситуацијата со цената на горивата, Владата ќе ги преземе сите мерки за да го ублажи ризикот кон граѓаните, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Одговорајќи на новинарски прашања, Божиновска напомена дека ситуацијата внимателно се следи.

-Тоа што се случува е на светско ниво. Како што следиме сите, секаде се цените покачени. Значи, тоа е виша сила, војна врз која ние не можеме да влијаеме. Минатата недела имавме онлајн вонредна седница на Влада и откако почна сè, уште од март, направивме и акциза и намалување на ДДВ и со ОКТА договоривме попуст. Го намаливме ДДВ-то на 10 проценти. Дискутираме, гледаме и ќе се консултираме на ниво на Влада. Влада имаме во вторник, ќе видиме како понатаму. Ние секако сме за заштита на стандардот на граѓаните, меѓутоа ќе мора да разгледаме кои се и фискалните импликации врз буџетот. Ќе знаеме наскоро, истакна Божиновска на прес-конференција.

Таа потврди дека во моментов има само една мерка.

-Да, намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти. Како што знаете, може да има и други намалувања. Тоа постои како мерка, Министерството за финансии ги прави фискалните мерки и ги донесува заедно на Влада, потенцира министерката.

Владата, информира, засега не преговара повторно со ОКТА за попуст.

-Не сме почнале, меѓутоа ако ситуацијата ескалира и понатаму, ќе ги преземеме сите мерки за да го ублажиме ризикот кон граѓаните, подвлече министерката Божиновска.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано