Денеска во Скопје, Македонски Телеком организираше бизнис конференција под мотото „Следно ниво на дигиталната безбедност“, на која присуствуваа бројни претставници од деловниот сектор, институциите и експерти од областа на сајбер безбедноста.
Конференцијата беше посветена на актуелните предизвици во дигиталната безбедност, новата регулатива и современите решенија за заштита од сајбер закани. Посебен фокус беше ставен на новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, усогласен со европската NIS2 директива, како важен чекор во зајакнувањето на националната сајбер безбедност.
„Сајбер безбедноста денес повеќе не е избор, туку клучен приоритет. Затоа новиот закон е многу важен чекор за зајакнување на дигиталната безбедност на земјата. Нашата улога во овој процес е да останеме посветен партнер за дигитална трансформација, со сигурни и напредни решенија базирани на глобална експертиза. Нашата одговорност не завршува со инфраструктурата, туку продолжува преку безбедноста и довербата што ја градиме“, изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.






Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја истакна важноста на новиот закон и неговата улога во создавање сигурна дигитална средина:
„Со имплементацијата на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, за првпат воспоставуваме сеопфатна и усогласена рамка која ќе овозможи подобра заштита на институциите, бизнисите и граѓаните. Ова е клучен чекор кон усогласување со европските стандарди и градење отпорно дигитално општество.“
Во рамки на конференцијата, експерти од Дојче Телеком и ги презентираа најновите глобални трендови во сајбер безбедност и споделија конкретни решенија и практики за заштита од сајбер закани.
Претставници од Министерството за дигитална трансформација зборуваа за имплементацијата на NIS2 директивата и новиот закон, додека експерти од индустријата дадоа осврт на актуелните сајбер закани и современите техники на напади.
На конференцијата повеќе од 300 посетители имаа можност да разменат искуства и да се информираат за актуелните регулативи и најновите трендови за дигитална безбедност.






