БАНКА ВО ЕВРОПА СТАНУВА ЦЕНТРАЛНО МЕСТО ЗА ЧУВАЊЕ НА ЗЛАТНИТЕ РЕЗЕРВИ, зошто европските централни банки го селат златото од САД?

Околу 86 тони од приближно 313 тони злато што Холандија ги чуваше во САД и Канада беа преместени во Лондон „поради зголемената геополитичка нестабилност“, соопшти Централната банка на Холандија. Целта е златото да се направи „лесно достапно за употреба во кризна ситуација“.

Трговските и воените конфликти ги натераа земјите да преземат мерки на претпазливост и да ги чуваат своите резерви на злато поблиску до сопствената територија, пишува Би-Би-Си.

Франција објави претходно оваа година дека ги вратила своите резерви на злато од САД во земјата. Во меѓувреме, германската Бундесбанка премести повеќе од 216 тони злато од складишта во странство во текот на изминатите неколку години, вклучувајќи 111 тони од Њујорк и 105 тони од Париз.

Џозеф Каватони, виш пазарен стратег во Светскиот совет за злато, изјави за Би-Би-Си дека војните и трговските тензии „влијаат на некои од овие одлуки“, но не се „на врвот на листата“ на мотивирачки фактори. Инфлацијата, каматните стапки и едноставното одржување на златото на место каде што може брзо да се тргува, исто така, играат улога.

„Не мислам дека нè очекува судниот ден, но мислам дека луѓето стануваат се повеќе едуцирани за тоа како да управуваат со резервните средства, како да ги градат своите резерви и како поефикасно да размислуваат за тоа како да го извлечат максимумот од тие средства“, рече Каватони.

Холандската централна банка De Nederlandsche Bank соопшти дека златото изнесено од САД и Канада помеѓу март и август оваа година сега е во трезорите на Банката на Англија. „Очекуваме дека никогаш нема да мора да го користиме, но треба да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност“, рече гувернерот на холандската централна банка, Олаф Слејпен.

Лондон е избран за најдобра дестинација бидејќи е еден од најголемите трговски центри во светот. Ако сакате брзо да купите или продадете злато во криза, Лондон е местото каде што треба да го направите тоа, поради што Банката на Англија е популарна локација за негово складирање.

Банката на Англија е еден од најголемите чувари на злато во светот. Под 300-годишната институција во центарот на Лондон се наоѓаат околу 400.000 златни прачки во вредност од над 200 милијарди фунти.

Според истражувањето на индустријата спроведено од Светскиот совет за злато, Банката на Англија останува најпопуларната локација за чување злато, но централните банки сè повеќе диверзифицираат каде го чуваат скапоцениот метал.

Во современиот свет, постојат неколку начини за преместување на златните резерви. Холанѓаните продадоа околу 59 тони злато во Њујорк, а потоа купија дополнителни количини во Лондон, што значи дека не беше потребно физички да се транспортира таа количина преку Атлантикот. Но, повеќе од 27 тони злато беа „физички пренесени“ од САД и Канада во холандскиот град Зајст. Слична количина потоа беше испратена од Зајст во Лондон.

Според Светскиот совет за злато, централните банки акумулирале просечно 1.000 тони злато годишно во текот на изминатите четири години, значително повеќе од просекот од 500 тони годишно во текот на претходната деценија, пренесува Индекс.хр.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано