Поголема соработка меѓу локалната самоуправа и приватниот сектор, поттикнување на инвестициите и искористување на туристичкиот и економскиот потенцијал на општина Чучер Сандево беа во фокусот на работниот состанок меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски.
На состанокот присуствуваа и Драганчо Апостолски, советник во Дирекцијата за економска и јавна дипломатија, и Љупчо Велковски, сопственик на ИНБОКС Тренинг Центарот, каде што се одржа средбата.
Во разговорот беше нагласена потребата од создавање подобри услови за развој на микро-стопанството и малите бизниси, како и за поттикнување на нови инвестиции во општината.
Претседателот на Комората, Азески нагласи дека за реализација на потенцијалите и создавање услови за одржлив локален економски развој е потребно активно партнерство меѓу државата, локалната самоуправа и приватниот сектор. Во тој контекст, значајни се и можностите за развој на претприемништвото и создавањето услови за започнување сопствен бизнис и развој на туризмот како значајна извозна гранка.
Градоначалникот Бајовски ја истакна заложбата да се промени досегашната слика за Чучер Сандево и општината да се позиционира како атрактивна дестинација за туристи, но и како место во кое стопанствениците ќе препознаат можност за инвестирање и развој на бизнис.
Општината располага со значаен природен и културно-историски потенцијал и големиот број цркви и манастири кои, како што беше посочено, може многу повеќе да се искористи за развој на туристичката понуда.
На состанокот на претседателот на Комората Азески му беше доделена и благодарница за поддршка и развој на локални и рурални бизниси.
Чучер Сандево е една од поголемите приградски рурални општини и се наоѓа во непосредна близина на главниот град. Располага со значителни природни ресурси-шумските предели и планинската местоположба создаваат услови за чист и квалитетен воздух и развој на активности поврзани со природата, спортот и рекреацијата. Дополнителна предност е и тоа што во општината нема индустриски капацитети што би претставувале значаен извор на загадување.








