Азески: Македонската извозна политика треба да се насочи кон освојување нови пазари, а не само кон субвенции

Македонија има неискористен извозен потенцијал, но за негово претворање во конкретни економски резултати потребна е системска поддршка на компаниите во освојувањето странски пазари и подобрувањето на нивната конкурентност, оценува претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во интервјуто за Економија и бизнис.

„Македонската извозна политика треба да се насочи од класично субвенционирање на производството кон активна и системска поддршка на компаниите во освојувањето странски пазари, зголемувањето на конкурентноста и создавањето поголема домашна додадена вредност“, истакнува Азески.

Тој нагласува дека фокусот не треба да биде само на обемот на извозот, туку и на тоа што извезува земјата, на кои пазари се пласираат производите и колкава економска вредност останува во домашната економија.

Според него, потенцијали за раст постојат на Блискиот Исток и на одредени пазари во Европската Унија на кои македонските компании сè уште не се доволно присутни. Сепак, високите транспортни трошоци, деловните бариери и недоволното регионално обединување ја ограничуваат нивната конкурентност.

Азески посочува дека Стопанската комора работи на поврзување на компаниите преку меѓународни настани, проектни активности и деловни партнерства, со цел отворање нови извозни дестинации и поттикнување на иновативноста и претприемништвото.

Според него, растот на извозот е важен показател за развојната способност на економијата, а создавањето конкурентни производи и силни домашни брендови е еден од клучните предуслови за долгорочен напредок.


Целото интервју можете да го прочитате на ЛИНКОТ

Повеќе од истиот автор

Најчитано